Прашање од Кире Конески: Зошто за време на службите во харамовите се пее и на  словенски, а знаеме дека ние не сме словени,  сме антички Македонци.Наместо словенски јас мислам дека треба да биде Македонски? Ако можете да ми објасните за ова прашање па ќе ви бидам многу благодарен.

 

Одговор:

Ако ги следиме зборовите на нашиот Господ Исус Христос, најпрвин да бидеме свесни дека „нема повеќе ни Грк, ни Јудеец, ни Елин, нема ни машко ни женско“ . Црквата за еден народ нормално претставува негова духовна поткрепа, прибежиште од светските бури, и и пристаниште кое ќе го прима и предава во прегратките на Отецот, преобразувајќи го во сопствениот идентитет. Нормално е во овој период на етнофилетизам и отстапништво од верата со свртување од богоцентричен кон човекоцентричен живот да се соблазниме, и не гледаме на она што е најважно, а тоа е дека Христос дојде, умре и воскресна за сите. За нашиот идентитет се знае дека сме Македонци, а сега не смееме да се удираме во гради и да велиме дека сме антички Македонци, зашто се сомневам дека некој народ останал чист и не измешан сите овие векови. Но како и да е ние сме Македонци, и не би сакал да ве соблазнам, само сакам да укажам на тоа дека да бидеме свесни за тоа кои сме и што сме, но и да се молиме малку на Бога да си ги доведе работите на свое место. Да не ја заменуваме богослужбата со парламентско изложување или став за името. Да се молиме и за нашите еднокрвни и едноверни браќа, Грците и сите кои не не сакаат, зашто со иста крв се причестуваме, за Бог на сите да ни даде разум да се помириме и да го бараме најнапред Царството Небесно и Неговата благодат, а се друго ќе ни се придаде.

Кога светите браќа го извршиле преводот, настанала една прекрасна синергија и хармонија помеѓу тогашната мелодија на текстовите на грчки јазик и преводот на црковно - словенски. И навистина тоа е дар Божји, со оглед на тоа за колку кратко време е извршен. Денес, заради подобро разбирање на богослужбите и продлабочување во нив се прават напори за превод на богослужбите, меѓутоа мора многу да се внимава да не се избега ниту од контекстот на текстот, ниту да се отстапи од ритмиката и мелосот кој им е даден од светите отци на одредени песни. Затоа сето тоа мора да се одвива внимателно и побавно, а дотогаш да се трудиме да го сочуваме Духот на Едната света, собрна и апостолска Црква, и националниот идентитет и јазик да ни биде како средство за обединување и „одење во подлабокото“, а не за одделување и отцепување во безизлезен ќор сокак - солипсизам. Господ да е со нас.

 

п.п/з.д.


 Прашање од В.С.

И понапред Ви се имам обратено за одредени теми и Ви благодарам на брзите одговори.Сега повторно , пак поради ќерката имам прашање, или повеке молба за објаснение.
Имено, моите родители се во село Слоестица каде се слави Св.Богородица.На тој ден рано наутро, татко ми сака да подари јагне за здравје на мојата керка. Наидуваме на многу разлицни одговори и објаснуванја за овој вид дар кон цркавата.Едни велат паганско е да се дарува, други велат дека дар мозе.Ве молам да ми помогнете, да ми даде појаснуванје дали мозе да се дарува јагне на цркавата за здравје за дете, и ако да, ве молам за објаснение како  тоа се прави правилно христијански.
Ви благодарам однапред на одговорот,
Со почит,
В. С. 

 

Одговор:
Во поранешните времиња, христијаните кои сакале некако да го помогнат манастирот или црквата, давале дел од тоа што имале. И тоа било без разлика на што, да си искористи во полза на сите и на се. Меѓутоа , за жал, денес таквиот добротворен прилог почна да се испревртува и се воведуваат некои пагански ритуали и верувања кои го воведуваат човекот во паганизам и суеверие. Со појавата на таканаречениот курбан луѓето почнале да принесуваат крвни жртви милсејќи дека принесуваат на Бога, понижувајќи ја со тоа Христовата крсна жртва. Значи ставот на Светата Црква и вистината е дека Христос беше последната крвна жртва која го искупи светот од своите гревови и надевајќи се во неговата смрт и воскресение, се спасуваме. А секакво различно учење е ерес, или друговерие. Доколку се сака да се принесе некој дар на црква или манастир, секако дека е благословено, но само доколку оној што подарува не прави проблеми, дарот да се искористи во соодветни цели кои ќе послужат на светињата, то ест, доколку манастирот има потреба од овци, или од било кој предмет да го зачува, а доколку нема, да се продаде и парите да се искористат во благодушна и богоугодна цел. Само така дарот и трудот се благословени од Бога. Бог да ве благослови и укрепи што се трудите и ја барате вистината, и да ви помогне по тој пат. Амин!