Кога темнината ќе стане затвор: борбата со депресијата

Депресијата не е само тага. Таа е пропаѓање во кое умот го затемнува секој излез, душата ја губи радоста и вкусот кон животот, а телото почнува да го носи товарот преку замор, несоница, безволност и занемарување на себеси. Човекот повеќе не живее, туку само минува низ деновите.

Потоа започнува ширењето на болеста: се повлекува, престанува да одговара, ја губи трпеливоста и може да ги повреди токму оние луѓе кои се обидуваат да му помогнат. Односите се распаѓаат, работата станува товар, а човекот почнува да бара вкочанетост и бегство во алкохол, неправилно употребувани лекови, екрани или други зависности.

Депресијата може да го покаже и своето лице преку гневот. Човекот станува раздразлив, студен и сомничав. Повеќе не ја гледа љубовта, туку само опасноста. Не ја прифаќа помошта, затоа што болеста му шепоти дека никој не го разбира и дека ништо повеќе не може да се поправи.

Најтешкото влошување настапува кога безнадежноста ќе стане господар, а мислата за смртта ќе почне да изгледа како единствената преостаната врата. Тогаш молчењето повеќе не е воздржаност, а изолацијата повеќе не е мир. Тоа се знаци на опасност кои бараат итна помош и интервенција.

Исцелувањето започнува тешко, кога човекот ќе престане да ја брани темнината и ќе побара помош: од лекар, психолог, духовник, семејството, преку молитва и Светите Тајни. Црквата не го заменува медицинскиот третман, а медицинскиот третман не ја заменува средбата со Бога. Да се крие болеста од срам не е сила, туку продолжување на страдањето.

Има луѓе кои повеќе не можат да останат ниту неколку минути во тишина. Веднаш го пуштаат телевизорот, го бараат телефонот, започнуваат разговор или ја исполнуваат просторијата со бучава. Не затоа што имаат нешто важно да дознаат, туку затоа што се плашат од она што би можеле да го слушнат во својата внатрешност.

Постојаната бучава не ја одмора душата, туку ја држи вкочанета. Човекот дознава сè што се случува во светот, но повеќе не знае што се случува во неговото сопствено срце. Ги познава животите на другите, а станува туѓинец за сопствената рана, копнеж и грев.

Во тишината на површина излегуваат спомените, вината, стравот и прашањата што долго ги одложуваме. Затоа, понекогаш и Црквата станува тешка за поднесување. Таму нема доволно нешта што би го одвлекувале вниманието, а молитвата го поставува човекот пред вистината од која бегал.

Исцелувањето започнува кога бучавата ќе запре, макар и за кратко. Не секоја тишина веднаш носи мир; понекогаш таа може да открие траума или немир за кои е потребна и психолошка помош. Но постојаното бегство не лекува ништо.

TVITer204bHristos

Бог зборува и среде немирот, но човекот повеќе не може да Го слушне кога својата внатрешна вознемиреност ја брани со илјадници звуци.

Исклучениот екран за неколку минути може да стане отворена врата кон душата. А првата вистинска молитва можеби е токму храброста да престанеме да бегаме.


Мајка Силуана Влад
Подготви Симеон Стефковски