(Обновено)

 3.angeli.so.truba

За комфорот (26.09.2020 12:11)

        Од една страна, постојано тежнееме да ни биде убаво – што е нормално, затоа што Бог не нѐ создал за да страдаме; а од друга страна, ние често страдаме (ако не физички, тогаш психички) – што е, исто така, нормално, поради падот.

Прашањето е како да најдеме рамнотежа помеѓу овие две состојби – помеѓу тежнеењето кон физичката и душевна благосостојба и реалноста во која страдаме?

Тука, навидум, не ни помага и една друга состојба. Имено, од една страна, луѓето се повеќе заинтересирани за материјалната благосостојба – и мислат дека од неа извира и душевната, а од друга страна, распределбата на материјалните блага во светот е таква што несразмерно повеќе се наоѓа во рацете на малкумина отколку кај повеќето од останатите заедно.

Има ли решение?

Има, ама како да е многу полесно остварливо за сиромашните отколку за богатите. Во продолжеток ќе видиме зошто.

Целиот наш живот е дар Божји. И сиромаштвото е дар Божји, кога сиромавиот со смирение и трпение Му благодари на Бог за него, и го препознава овој дар. И богатството е дар Божји, кога богатиот со смирение и трпение им служи на сиромасите со своето богатство, и на тој начин Му благодари на Бог за него и го препознава овој дар.

Кога луѓето би ги препознавале даровите Божји и нивната смисла, и кога со смирение и благодарност би се однесувале кон нив, даровите Божји би служеле како средство за нивно лично и соборно надградување и остварување на нивната заедница во Богочовекот Христос – Кој е нашиот најголем дар Божји – и би служеле како средство за наше духовно богатење и преобразување.

Овој однос на благодарење на дело се исполнува со нашето редовно учество и причест во Светата Евхаристија (Благодарење), т.е. Литургија на Црквата Божја. Тука, ние својот живот на Бог Му го предаваме, а Он нам Својот, во Телото и Крвта Христови. Со други зборови, само на таков начин и можеме да Му благодариме на Бог, кога Неговите дарови повторно Нему Му ги принесуваме: „Твои дарови од Твоите, Тебе Ти ги принесуваме за сите и за сè“.

Гледаме дека Господ се поистоветува (дури и најмногу) со секој еден страдалник. Затоа, секогаш кога со своето материјално богатство ќе му помогнеме на еден од овие најмали Христови браќа што страдаат, ние Нему Му помагаме (види: Матеј 25, 40).

Така, никој не може да се нарече богат, односно подобен на Бог, без да ја прифати Божјата промисла за себе, односно без да ги збогатува и другите околу себе – пред сѐ, во духовна, но и во материјална смисла на зборот.

Но, животот нѐ научил дека мала е надежта т.н. богати да нѐ разберат и да ни помогнат, односно да го восогласат својот живот со Христовите заповеди.

Со прашањето – зошто е тоа така? – се враќаме на почетокот од беседата.

Тежнееме да ни биде убаво, што и од аспект на пад и од аспект на подигање е нормално природно движење – затоа што Бог нѐ создал да ни биде убаво; само што од аспект на пад тежнеењето кон убаво значи задоволување на страстите, а од аспект на подигање значи духовен раст, од икона кон Богоподобие, т.е. обожение.

Во тоа се состои и искушението на богатиот – ако не е верен кој работи на себе: тој оди по патот на задоволувањето на страстите, а на тој пат сѐ му е малку. Затоа што славољубието никогаш не се задоволува; среброљубието никогаш не се задоволува; и сластољубието никогаш не се задоволува. Самољубивиот човек тешко да помогне некому, а и ако го направи тоа, ќе биде за задоволување на неговото славољубие.

Затоа на сиромавиот му е полесно, односно има подобра позиција, да го восогласи својот живот со Божјите заповеди. Треба само да ја прифати и да Му се заблагодари на Бог за својата состојба; што не значи дека не треба и да се бори да ја подобри. Додека богатиот, кој стекнал животна навика да зема, треба сега да ја промени и да почне да дава; што е далеку потешко.

Еден посебен проблем што овде се јавува е комфорот. Тој е проблем за сите, и за богатите и за сиромашните, затоа што, денес, начинот на живот и стандард е „подигнат“ на друго повисоко цивилизациско ниво. Мислам на воведувањето на електричната енергија, затоплувањето на целиот дом, автоматски и компјутерски поврзаните машини, брзината и ефикасноста на сите видови комуникации и информации – посебно теле и видеокомуникациите, па дури и смарт домови и што ти ли не...

Едноставно, да не должиме многу, комфорот што ни го пружа моменталниот цивилизациски дострел, односно уживањето во него, станал наша навика, а со тоа и наша втора природа. Влијанието на комфорот, посебно на нашите тела, а со тоа и на нашите души, е разорно. Станавме луѓе раслабени – во секој поглед, навикнати на нежно, на меко, на топло или ладно – зависи, на широко, на светло, на брзо, на лесно итн., итн. Не сме способни да поднесеме и најмала нелагодност, а камоли глад, жед, студ или вруќина – зависи, напорна работа итн., итн.

Кога бев дете, единствената топла соба беше дневната, која истовремено беше и кујна, и трпезарија, и сѐ. Спиење, тоалет, капење итн. се одвиваше во ладно. Бевме здрави деца, кои добар дел од денот го поминувавме на улица. Знаевме и да се степаме и да се смириме. Ги знаевме сите игри и се натпреварувавме во сите достапни спортови. И одеднаш се појавија генерациите од скопскиот т.н. Градски ѕид, деца на парното греење. Деца, најчесто, нежни, зиморливи, неотпорни, неспремни за многу работи.

Модерниот и комфорен начин на живот се одрази и на Света Гора. Кога јас дојдов во манастирот Григоријат, немаше ни парно затоплување, ни струја. А камоли, пак, мобилни телефони, компјутери, Интернет и телевизија. Сега, сето тоа го има, нешто е општо достапно за сите, а нешто само за поединци. Денешните генерации млади не би можеле ни да помислат да одат во манастир без да има некои од овие олеснувања; на пример, електрична енергија и парно затоплување.

Како што реков, комфорот нѐ раслабува и телесно, и душевно, и духовно. Колку повеќе се потпираме на комфорот, толку повеќе ја губиме благодатта Божја (ова е цела една посебна тема). Тоа, од своја страна, прави од нас луѓе параноични – исплашени за својата удобност и себични, а тоа, пак, ја изгонува Божјата љубов од нас. Од такви луѓе можеш да очекуваш само несреќа.

Ова убаво и накратко го има опишано американскиот писател Џефри Мајкл Хоф, велејќи: „Тешките времиња создаваат цврсти луѓе. Цврстите луѓе создаваат добри времиња. Добрите времиња создаваат слабаци. Слабаците создаваат тешки времиња“.

Главната лоша последица на комфорот, што најмногу го оштетува модерниот човек, е бесчувствителноста кон оние што страдаат, или како што ја нарековме – пасивната социопатија. Пасивниот социопат до толку е бесчувствителен, што не ни сака да знае дека некој воопшто страда. Таквите информации му се непријатни. Но, кој не сострадува, ќе страда. Така вели духовниот закон.

Оваа појава убаво ни ја објаснува свети Серафим Роуз: „Зошто луѓето учат преку болка и страдање, а не преку удобност и среќа? Многу едноставно, затоа што преку удобност и среќа човекот се навикнува да биде задоволен со нештата од овој свет, додека болката и страдањето го принудуваат човекот да бара подлабока среќа, која го надминува овој свет“... „Печатот на тешките страдања останува засекогаш, па колку и да се промени животот на добро. Тој печат, носен во срцето, ја смекнува и ја истанчува душата, и човекот станува двојно почувствителен за туѓата болка и неволја.“

И третпат да се вратиме на почетното прашање: како да најдеме рамнотежа помеѓу овие две состојби – помеѓу тежнеењето кон физичката и душевна благосостојба и реалноста во која страдаме? – и да дадеме еден краток и заокружен одговор.

Решението ни го пружа православниот духовен живот на Црквата Христова. Животот во Христос е и така антиномичен, но и холистички; истовремено: и смрт на Крст и Воскресение, и тага и радост, и болка и утеха; и аскеза и преобразување; и смирение и Вознесение; и анонимност и небесна слава; итн.

Главно, избегнувајте го комфорот, тоа е сеопфатна смрт за духовниот живот. Во овој свет и век секако ќе страдаме – поради нашата отпаднатост од Бог. Но, подобро да страдаме своеволно – подвижнички, отколку неволно – во болести и несреќи. И во двата случаи треба да Му благодариме на Бог за нашето страдање. Во првиот случај, главно, и сме благодарни на дело, преку подвигот на давање на Него, а во вториот случај, главно, со благодарно трпение на тоа што е допуштено од Него, а што сме го предизвикале со своите гревови. Благодарноста кон Бог нѐ поврзува со Крстот Христов, а тој со Неговото Воскресение и со секоја Божествена утеха и радост.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

 

 http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7327