ПЕЈЗАЖИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
40 Години од смртта на Томо Владимирски
(1904-1971)                     
Даут пашин амам; 20.12.2011 - 20.01.2012 , 13 часот

Почитувани,
Ве информираме дека во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам, на 20 декември 2011 година (вторник), во 13 часот ќе се отвори изложба на Томо Владимирски, со наслов Пејзажите на Македонија, со што се одбележува 40 годни од неговата смрт.
 Министерството за култура на Република Македонија создаде убава можност, заокружувајќи ја годината во која ја одбележуваме 20-годишнината од независноста на Република Македонија, да се организира изложба на дела на академскиот сликар Томо Владимирски (1904-1971), насловена “Пејзажите на Македонија” (на изложбата ќе бидат презентирани 34 ликовни дела-масло на платно).
Академскиот сликар Томо Владимирски зазема втемелувачко и изделено место на македонската современа ликовна сцена. Тој припаѓа на генерацијата уметници што се вклучи меѓу првите во современиот живот и во тековите на современата европска уметност.
Роден 1904 г. во Скопје. Од 1928-1935, се школува во Белград, кај професорите: Бета Вукановиќ,  Љуба Ивановиќ, Милан Миловановиќ и Иван Радовиќ. Од 1935-1937 г. оди во Прага, (Р.Чешка) каде специјализира  кај професорот  Јакоб Обровски во Уметничката академија. Самостојно излагал прв пат во Прага 1937 г. Скопје, Битола, итн. Од 1939-1965 во Скопје, работи како сценограф во Македонскиот народен театар.  Активно учествува во формирањето на  ДЛУМ во Скопје,  учествува  во формирањето на Уметничката школа истотака во Скопје. Последната Ретроспективна изложба беше во   Националната галерија на Македонија 2004 г. со оддбележувањето на 100 години од неговото рагање.  Добитник е на голем број високи републички награди и признанија за неговото ликовно творештво. Почина ненадејно во Скопје 1971 година.
         Во 1960 година ја приредил изложбата со крајбрежни пејзажи од реката Вардар, со желба да ги претстави поднебјето на Скопје и неговата непосредна околина. Како вљубеник во реките, голем дел од своето слободно време го поминувал покрај нив, воедно црпејќи ги бесконечно инспирациите од нив. Особено по 1966 г., сликарот Владимирски деновите ги минувал во непосредна близина на реката Радика. Владимирски создал голем број дела инспирирани од убавините на Македонија. Сознанијата за сопствените ликовните вредности и неговиот национален идентитет се соединиле творечки со европските модерни стилски влијанија: со оние на европскиот импресионизам, постимпресионизмот, фовизмот и експресионизмот. Пејзажот-пределот, односно интимното доживување на реките Вардар и Радика, кај Владимирски станале негова целосна преокупација. Целата оваа хронологија покажува дека Владимирски (без да прави големи отстапки, туку постепено) од година на година, се приближувал кон својата цел - силно пејзажно сликарство, нагонско и лично. На тој начин, авторот, заедно со неколкумина свои колеги од првите генерации дипломирани академски сликари, се вброил меѓу втемелувачите на модерното македонско сликарство.
Томо Владимирски заедно со своите колеги Никола Мартиноски и Василие Поповиќ-Цицо се втемелувачи на сценографската дејност на нашиот македонски ликовен простор. Ликовните вредности и неговата креативност со невообичаени детали во создавањето на сценскиот амбиент ќе останат засекогаш забележани во македонската културна историја.
Автор на изложбата : Мирјана Талеска, кустос советник во Националната галерија на Македонија
На изложбата се очекува да говорат Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија и Елизабета Канческа Милевска, министер  за култура на Р. Македонија. 
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА