Необична средба со следбениците на Личеноски


Меѓу авторите добитници на престижната награда "Лазар Личеноски", чии дела ќе можат да се видат вечерва во Домот на АРМ, се Глигор Чемерски, Симон Шемов, Таки Павловски, Решат Амети, Свето Манев, Кољо Мишев, Ана Темкова, Ангеле Гавровски...


Дела на 23 македонски уметници, добитници на престижната награда која што го носи името на корифејот Лазар Личеноски, вечерва ќе можат да се видат во Галеријата при Домот на АРМ (20 часот). Се работи за необична и возбудлива средба, настан организиран по повод јубилејот 110 години од раѓањето на великанот на македонската современа ликовна уметност Лазар Личеноски.

Повеќето од делата се всушност оние за кои авторите биле наградени низ долгата изложбена историја на ДЛУМ, освен на неколкумина, чии што слики во меѓувреме биле отуѓени. Меѓу авторите добитници на оваа престижна награда чии дела ќе можат да се видат се Глигор Чемерски, Симон Шемов, Таки Павловски, Решат Амети, Свето Манев, Кољо Мишев, Ана Темкова, Ангеле Гавровски...Изложбата за посетителите ќе биде отворена наредните 10 дена", вели Бранислав Мирчевски, секретар на ДЛУМ.

Од Друштвото на ликовните уметници, кој што е и организаторот на настанот потенцираат дека наградата "Лазар Личеноски" која се доделува повеќе од триесетина години, го отсликува не само пиететот кон оригиналната ликовна персоналност на големиот уметник, туку и почит кон неговиот конкретен придонес во формирањето на ДЛУМ.

Во рамките на изложбата ќе биде презентиран и каталогот со кој Паскал Гилевски, пред пошироката јавност ја претставува изложбата.

Оваа изложба автоматски го поставува прашањето на најновите тенденции на нашето сликарство содржани во делата на дваесетината излагачи од една страна, и на утврдените вредности на неговото творештво од друга страна. Како ние денес гледаме на неговите остварувања од пред педесетина години, и исто така, колку е возбудлива претпоставката, како Личеноски би гледал на нашиве изложени експонати?...