Скопје, 27 октомври 2011 (МИА) - Со проекција на култниот филм „Метрополис“ од 1927 година на режисерот Фриц Ланг и музичката изведба на Македонската филхармонија според оргиналните партитури на Готфрид Хупертс под диригентската палка на Хелмут Имиг, вечер во Македонската опера и балет ќе биде одбележан 27 Октомври, Светскиот ден на заштита на аудиовизуелното наследство, прогласен од УНЕСКО.

Во Македонија првпат се организира ваква филмска проекција, каде прикажувањето на „Метрополис“ ќе биде заедно со музичката изведба на Македонската филхармонија.

Проекцијата се случува само една година по премиерната проекција на филмот на Берлинскиот филмски фестивал. Станува збор за реставрираната филмска копија на целосната верзија на филмот „Метрополис“ што беше најдена во Филмскиот архив во Буенос Аирес, која имаше проекции и во повеќе европски земји.

Веќе петта година по ред Кинотеката на Македонија го одбележува овој значаен ден, а годинава одлучиле да стават акцент на уште еден есенцијален сегмент од областа на заштитата на аудиовизуелното наследство - одбележувањето на значајноста, на чувањето, заштитата, реставрацијата, и на презентацијата од аспект на достапноста на колекциите на филмските архиви до публиката.рп/мд/8:38