Новина на годинашното издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е воведувањето на програмата „ВИП-јуниор“, со која младите секој ден за време на фестивалот ќе гледаат по еден бесплатен филм во центарот на Битола
  
  
  
Оваа програма, како што вели директорката на фестивалот Лабина Митевска, има цел да ги оттргне младите од гледањето шпански и турски серии на телевизија.

- Сакаме да воспоставиме нови стандарди, а не младите да седат дома и да гледаат шпански и турски серии. Ќе се потрудиме на фестивалското издание да има повеќе семинари и тркалезни маси, бидејќи само така може да ги поттикнеме новите генерации на филмски творци и вљубеници во филмот - вели Митевска.

Програмата на фестивалот ќе биде објавена во септември, а неговото одложување, како што рече директорката Митевска, е поради тоа што во септември најголем дел филмаџии во светот се ангажирани на дозавршување на снимањата, па одлучиле да го поместат фестивалот за да можат да присуствуваат значајните гости.

Од годинава нов официјален партнер на фестивалот, кој ќе се одржи во октомври во Битола, е операторот ВИП, а партнерството вчера беше претставено под мотото „Кип он филминг“.

- Наша цел како фестивал е да ја внесеме Македонија во светската културна мапа и за тие два-три дена за време на фестивалот да го донесеме светот кај нас. Како и сите познати фестивали за остварување на нашата работа и за зачувување на лани стекнатиот епитет „најдобар од малите фестивали“, ни беше неопходна поддршка од спонзор - вели Митевска.   
     Извор: http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=56101034567&id=16&setIzdanie=21976