копје, 17 декември (МИА) - Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска и утре се одржува Меѓународен научен симпозиум на тема „Шеесет години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција - причини и последици“ во организација на Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и Институтот за национална историја.

Учесниците на симпозиумот дебатираат за Граѓанската војна во Грција, како и за последиците од неа, меѓу кои и денешното прашање во однос на имотите и правата на бегалците од Егејскиот дел на Македонија.

Професорката на Филозофскиот факултет во Скопје, Виолета Ачковска, во своето излагање на тема „Незавршена војна“ потенцираше дека масовното учество на Македонците во Граѓанската војна, кои се бореле за своите национални права, претставува една од најкрвавите епизоди во „долгогодишната етногеноцидна агресија“.

- Идејата на моето излагање е да претстави една незавршена етногеноцидна војна која трае век и половина и се однесува кон физичко и духовно освојување на Македонија. Најновата фаза во таа долгогодишна војна е наводниот спор за името дефиниран со грчката црвена линија. Сега е јасно дека воопшто не се работи за комунистички синдром со кои беа протерани Македонците од Грција, рече Ачковска и додаде дека „војната“ ќе заврши кога на Балканот на секој човек ќе му се признае правото на сопствен идентитет, јазична и културолошка различност, име и сопствена црква.

Според Дарко Дуковски, професор на Филозофскиот факултет во Риека, кој се занимава со прашањето на децата од Егејскиот дел на Македонија кои побегнале во Хрватска, посочи дека проблемот е се уште „жив“, онаков каков што бил и пред 60 години.

- Проблемот е во недостигот на шанса за враќање онаму каде што си роден, на начин на кој твоето име и идентитет ќе остане недопирлив. Тоа е голем проблем кој Македонија и денеска го има, а мора да се реши на современ и модерен начин со што ќе се даде можност идентитетот сам од себе да се формулира. Секое насилно формирање на идентитетот секогаш донесува контра-акција која е непродуктивна, истакна Дуковски.

Експретите ја поддржуваат Владата во однос на заложбите за решавање на спорот за името со Грција, но велат дека треба да се настапи поагресивно околу решавање на состојбата со правата и имотите на децата-бегалци. 

Директорот на Институтот за национална историја, професор Тодор Чепреганов, рече дека Граѓанската војна во основа не била македонска, туку идеолошка меѓу самите Грци во која се судриле комунизмот и капитализмот. Тој истакна дека војната оставила длабоки траги во меморијата на целокупниот македонски народ. лѓ/са/11:57