vozdvizenie.jpg    vozdvizenie.jpg

 Почитувани,

Ве известуваме дека на 26 ноември 2009 година (четврток), во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Мултимедијален центар Мала станица, ќе се отвори самостојна изложба на Стефан Хаџи-Николов.

Најновите слики на Стефан Хаџи-Николов, како и предходните, претставуваат апсолутна хипостаза на женското тело, на неговата телесна убавина и еротска сензуалност, Но сега имаме еден значаен исчекор од ларпурларистичкото третирање на мотивот карактеристично пред тоа за овој сликар. Тој сега својот ликовен предмет го поставува во една префинета јукстапозиција со поимите какви што се: минливост и вечност, архаичност и современост, класичност и модерност. Во таа смисла и амбиентот во кој е поставен сега тој, не е како пред тоа лебдечки, туку е јасно просторно-временски дефиниран. Тој предмет (женското тело) е во ентериер, под стреа на прекрасната куќа на Робевци во Охрид, ( во една од сликите е искористен интериерот на Мултимедијалниот центар Мала станица, специјално направена за престојната изложба) чија архитектура во некоја смисла во добар дел ја обликува и ликовната имагинација на Стефан Хаџи-Николов за сликите на оваа негова изложба. На нив јасно можеме да препознаеме некои нејзини елементи и да ја доловиме атмосферата на нејзината древност, тишина и хармонија. Во тој трансцендентен амбиент главно се сместени женските фигури на нашиот сликар, исполнувајќи го истиот со својата суптилна еротска сензуалност.
Тоа се женски тела насликани со суптилен еротомански хедонизам, без претензија на подлабока ликовно-филозофска рефлексија, иако тие слики сами по себе природно зрачат со една несвесна творечка контемплација.
Сликарот во нив нé воведува во една блага метафизичка рефлексија, во една убавина во која се мешаат и тактилно допираат сензуалното и метафизичкото, без разлика што првото и понатаму останува доминантно пред второто.
Во последните слики на Стефан Хаџи-Николов гледаме една беспрекорна рамнотежа на еротското и поетичното. Гледаме едно сензуално обликување на анимата во женското тело кое е амалгам од мигот и вечноста, исконот и сегашноста. Неговиот ликовен стил можеме да го дефинираме како еден вид на модерен класицизам во кој убаво се проткајуваат и надополнуваат чисто естетското и сензуалното.

Стефан Хаџи-Николов е роден 1955 година во Скопје. Педагошка академија група Ликовно воспитување завршил 1975 година во Скопје.
Член на ДЛУМ од 1984 година.
Реализирал повеќе од четириесетина самостојни изложби во земјава и странство.
Учествувал на повеке од 100 групни изложби во земјата и надвор од неа.
Учесник на повеке меѓународни ликовни колонии. Од 2002 до 2006 учествувал на Саемот на уметност “Импресија” во Пловдив(Бугарија) .
Добитник е на повеке награди.


Со почит,

НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

 vozdvizenie.jpg

 vozdvizenie.jpg

vozdvizenie.jpg