Амбасадата на Франција и Амбасадата на Полска, како вовед во прославата предвидена за 2010 година во чест на 200 години од раѓањето на Шопен, вечерва во 20 часот, во Музејот на град Скопје организираат Шопенова вечер. Притоа на свеченоста ќе биде доделено француското одликување „Академски палми” на професор Стела Слејанска, ќе се одржи концертна вечер со делата на Шопен во изведба на студентите од класата на професор Стела Слејанска: Емилија Потевска, Татјана Џорлева, Мелани Рувчевска (Загреб) и Нина Вулековиќ (Подгорица).

Федерик Шопен е полски композитор од времето на романтизмот и се смета за еден од најголемите композитори за пијано на сите времиња. Во Париз создал кариера како изведувач, учител и композитор. Иако неговата музика се смета за мошне тешка за свирење, неговиот стил дава нагласок на нијанси и експресивна длабочина, а не само на техничка виртуозност. Тој има измислено некои музички форми како баладата, но неговите најзначајни иновации лежат во рамките на постоечките структури како пијано сонатата, валцерот, ноктурното, етидата, импромптуто и прелудиумот. Покрај ова, Шопен бил првиот западен композитор кој го има користено словенскиот фолклор во своите композиции. Шопеновата музика за пијано е комбинација од уникатен ритмички осет, честа употреба на хроматицизам и контрапункт. Оваа мешавина дава особено нежен звук во мелодијата и хармонијата, кои сепак имаат за подлога интересни хармониски техники. Неколку од Шопеновите дела се денес мошне познати , како: Револуционерна етида, Минутен валцер (Оп. 64, бр. 1), и третиот став од сонатата поднасловена како Погребен марш (Оп. 35), која често се користи како архетипична претстава за тага.

Шопен имал индиферентен став за најголемиот дел од неговите современици, иако имал доста пријатели од романтистите во музиката, книжевноста и ликовната уметност. Меѓутоа многумина сметаат дека Шопеновата музика го претставува врвот на романтистичкиот стил. Релативната класична чистина и дискретност на неговата музика, со малку екстравагантен егзибиционизам, делумно сведочи за неговата длабока почит кон Бах и Моцарт. Шопен никогаш не навлегувал во експлицитно „сценоотсликување“ во музиката, нити пак користел програмски наслови, дури и лутејќи им се на издавачите што ги именувале делата како што ги знаеме денес. Сите Шопенови дела се за пијано, соло или со придружба. Главно се за соло пијано, но има и неколку за пијано ансамлбли со инструменти, меѓу кои второ пијано, виолина, виолончело, глас и оркестар.

Денес зачувани се над 230 Шопенови дела. Разните ракописи и дела од раното детство не се пронајдени.

Секои пет години во Варшава се одржува Меѓународниот Шопенов пијанистички натпревар; повремено се доделува и наградата „Grand prix du didque de F. Chopin“ за истакнати снимки на Шопенови дела, ремастерирани или нови. (Н.П.) Утрински весник