Ве информираме дека на 13.11.2009 година, петок, со почеток во 20.00 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе се отвори изложбата на младиот македонски автор Вук Митевски, насловена “Светлина”.

Вук Митевски е претставник на најмладата генерација македонски ликовни уметници, иако познат по неговиот ангажман во филмовите на Теона и Лабина Митевски, досега неговиот ликовен опус е малку познат на нашата јавност. Митевски дипломирал на колеџот Бенингтон во Вермонт, САД, 2004 година. Оттогаш па досега имал 6 самостојни изложби во САД, а учествувал на голем број групни претставувања. Се занимава со скулптура, цртеж, сликарство, сценографија, видео, како и со други видови на мултимедијални преокупации.

Неговиот проект се состои од два големи објекти- простории, во кои посетителот треба да влезе и да доживее соочување со две универзални теми ДЕТСТВОТО и СТАРОСТА. Просторот помеѓу ќе биде искористен од авторот во форма на ходници и една централна просторија со “скулптури” со монументални димензии, преку кои метафорично се врши транзицијата од детството во староста и обратно.  Објектите се состојат од метални скелиња со големи димензии на кои ќе бидат обесени сликите кои се изработени на хартија. Хартијата како медиум за Митевски е интересна бидејќи овозможува да се создаде одреден специфичен амбиент со помош на осветлување кое ќе се менува, со што ќе бидат предизвикани различни емоции и чувства благодарение на светлосните ефекти.

Со овој проект се презентира дел од најновите интересирања на овој млад уметник, кој без сомнеж смело се изборува за своето место во историјата на македонската визуелна уметност. Изложбата претставува спој на различните преокупации на Митевски (сценографија, сликарство, објекти, скулптури), а истовреме и самата местоположба на изложбата - објектот Чифте Амам, ќе даде една специфична димензија во восприемањето на еден сосема поинаков амбиент. 


Национална галерија на Македонија