Изложба и рецитал се вечерва на програмата на фестивалот Охридско лето. Во куќата на Робевци во 21 часот ќе биде отворена изложба на слики од Стефан Хаџи-Николов. Тој ќе се претстави со 22 дела, работени специјално за изложбениот простор во Робевци. Изложбата во Охрид ќе биде отворена до 6 август, а потоа ќе биде поместена во повеќе градови во земјава и во Варна, Бугарија.

Во црквата „Св. Софија“ во 21 часот рецитал ќе одржат флејтистката Јета Старова-Мехмети и виолинистот Ермал Мехмети. Тие ќе изведат дела од Бах, Хендл, Пјацола и обработка на стари албански песни.

Јета Старова-Мехмети студирала и дипломирала на Конзерваториумот „Алфред Корто“ во Париз. Добитник е на повеќе награди.

Ермал Мехмети специјализирал во Париз, на Конзерваториумот „Алфред Корто“. Тој е активен не само како виолинист туку и како композитор и аранжер.