Со премиерата на операта, "Бал под маски" од Џузепе Верди завчеравечер започна 37. издание на Мајските оперски вечери на кое до 31 мај ќе се одржат уште пет оперски претстави и една балетска. На свеченото отворање пред објектот на МОБ беше запален и фестивалскиот оган кој официјално го означи стартот на оваа значајна културна манифестација на која покрај нашите врвни уметници ќе учествуваат и познати светски имиња од оперската сцена како што се Фабијана Брава од Аргентина, Ана Лукреција Гарсија од Шпанија, Владимир Галузин и Наталија Тимченко од Русија...

-Во изминатиот период на Мајските оперски вечери одржани се над 300 претстави со повеќе од 1200 учесници од целиот свет. Во текот на одржувањето на манифестацијата во холот на МОБ ќе се одржат и 4 изложби. Првата е на еден од најголемите бугарски уметници, Димитар Христов Шорбаџиски, насловена како "Нашите". Втората е на Оливера Велкова "Светот како 1", а третата - скулптури од ореово дрво на авторот Васе Урдин. За крај ќе биде претставена и изложбата за животописот на големиот маестро Ловро Матачиќ, вели Оливер Арсовски, директор на МОБ.

Инаку, балетот "Лебедово езеро" од Чајковски е на репертоар в среда на 13 мај. На 15 мај е гала цонцертот на Галузин и Тимченко. Оперската претстава Набуко од Верди ќе се одржи на 19 мај, а на 22 мај публиката ќе има можност да ја проследи операта Травијата, додека Мадам Батерфлај е на 26 мај. МОВ ќе бидат прогласени за затворени со операта Аида од Верди на 31 мај.

-Мајските оперски вечери со години наназад предизвикуваат внимание не само во државата туку и надвор од нејзините граници бидејќи без сомнение е културен настан од највисок ранг и своевиден културен форум и отворена сцена за светската културна и уметничка елита, потенцираше министерката за култура Елизабета-Канческа-Милевска.

(Д.Т.)
Вечер