Ве информираме дека на 19.05.2009 год. (вторник), со почеток во 20:00, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе се отвори самостојна изложба на турската скулпторка Фуге Демирок,  насловена  „Отвори ја вратата ЧУВАРУ!“.

Изложбата се организира под покровителство и во соработка со Министерството за култура и туризам на Република Турција, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадата на Република Турција во Република Македонија и Националната галерија на Македонија и се презентира  во рамките на одбележувањето на Националниот турски празник Сеќавање на Кемал Ататурк, младина и спорт.

Изложбата ќе ја отворат: заменик министерот за култура на Република Македонија,  Драган Недељковиќ, амбасадорот  на Репулика Турција во Република Македонија, Арслан Хакан Окчал и директорот на Националната галерија на Македонија,  Маја Крстевска. На отворањето ќе присуствува и самиот автор.

Изложбата ќе биде отворена до 01.06.2009 година.

На изложбата ќе бидат поместени 24 скулптури излеани во бронза, бакар и сребро, настанати во последниве  години.

„За Демирок уметноста претставува инстинкт на игра, предмет на благодарност. Таа смета дека претворањето на играта во уметност е ритуал и еден вид церемонија. Значењето на овој ритуал таа го поврзува со пренесување на човековите карактеристики на скулптурата преку употребата на лирскиот јазик на апстракцијата. За неа уметноста која се раѓа преку игра е  задоволство и таквото  задоволство таа сака  да го почувствува и публиката.“


Фуге Демирок е родена 1958 година во Истанбул, Република Турција.
Во 1981 година дипломирала на Bosphorus University на одделот за литература и лингвистика. Посетувала часови по цртање, скулптура и неоекспресионизам на Weschester Community College од 1991 до 1993 година.
Посетувала часови по релјеф на Мимара универзитетот во Истанбул во 1988. Од 1996 до 2002 година студиите ги продолжила во работилницата на Irfan Korkmazlar.
Член е на GESAM, UPSD и Меѓународниот скулпторски центар во САД.
Добитник е на наградата Пет олимписки круга за делото  „Тајната на осумката“, на Олимпијадата во Пекинг во 2008 година (на конкурсот  за средување на Олимпискиот парк).
Досега реализирала осум самостојни изложби во Турција, Германија и САД, а учествувала и на групни изложби во Турција, Италија, Австрија, Франција, Кина и САД.

 

                                                     НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА