Промоција на три книги, изданија на Македонската академија на науките и уметностите и фондацијата „Трифун Костовски“, денеска во 12 часот ќе се одржи во МАНУ. Со претставувањето на книгите ќе биде одбележан Денот на Фондацијата. Свеченоста ќе ја отвори академик Цветан Грозданов, претседател на Управниот одбор, а на присутните ќе им се обрати Трифун Костовски, основач на Фондацијата. Петтиот том од книгата „Речник на македонските говори во југоисточниот егејски дел“ од професор Коста Пеев ќе го промовира академик Петар Хр. Илиевски. За „Фрескоживописот во Пелагонија од средината на 15 до крајот на 17 век“ од д-р Никола Митревски ќе зборува академик Грозданов. Неговиот колега Крум Томовски ќе одржи промотивна беседа за „Архитектурата на црквата Успение на Богородица - Трескавец“ од м-р Елизабета Касапова.На свеченоста ќе биде прикажан филмски портрет за академик Георги Ефремов, раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија.