Во фаза на подготовки е јубилејното издание на филмскиот фестивал Астерфест кој петта година континуирано се одржува во Струмица. Струмичкиот филмски фестивал продолжува со интенцијата на освојување нови мултикинематички простори, поврзани со културно-уметничкото наследство на регионот и современите преокупаци на филмските автори на почетокот од третиот милениум. Профилот на интерес се креативната документаристика и кратката филмска форма, кои се повеќе земаат замав во модерната, дигитална ера на филмот во Европа. Покрај традиционалните Златна, Сребрена, Бронзена Потковица и Стар златен проектор за документарни филмови, ќе се доделат и награда за најдобар краток игран филм во светски рамки, а се воведува и посебна награда за македонски филмски автор “Ацо Алексов”, доајенот на македонската филмска и ТВ режија родум од Струмица. Во последната недела од мај, на неколку градски локации треба премиерно да се прикажат повеќе филмови од многу држави, како и од македонски автори. Мотото на овогодинешниот Астерфест е “југоисточни приказни”. Фестивалската програма и лауреатот на признанието Астер за животно дело ќе бидат објавени наскоро. Исто така, планирано е како еден од новитетите, завршната вечер да бидат прикажани филмови кои ги освоиле главните награди, а на самото отворање ќе бидат доделени и благодарници на заслужни субјекти за подемот на овој наш фестивал кој темелно се занимава со афирмација на филмската култура во Македонија и Светот. Досега, за сите овие години се прикажани над 300 филмови со учество на околу 70 држави од сите меридијани. Оваа манифестација ја организираат продукцијата Астер фест и Тивериополската филмска алијанса, во соработка со национални и локални културни институци.