В петок со почеток во 20,00 часот во реновираниот градски простор на Домот на АРМ во Струмица со проекцијата на антологискиот ТОЧНО НА ПЛАДНЕ ќе започне циклусот американски вестерн-филмови којшто ќе трае во текот на викендов, а ќе продолжи и како сегмент од претстојното издание на Астерфест на крајот од мај. Инаку, култниот, популарно наречен каубојски филм ТОЧНО НА ПЛАДНЕ од 1952 год. е режиран од Фред Цинеман, со Гари Купер и Грејс Кели во главните ролји. В сабота и недела во истиот термин следуваат ПОШТЕНСКА КОЧИЈА на Џон Форд и НА ДИВИОТ ЗАПАД на Фриц Ланг. Воедно, ова е исклучителна прилика струмичката кино-публика да се соочи со класичните филмски вредности кои и ден-денес делуваат мошне свежо. Овие филмски проекции се подготвени од страна на Американската амбасада и Кинотеката на Македонија, а партнер од Струмица е Тивериополската филмска алијанса.