Утревечер (петок, 27 февруари) во НУ Завод и Музеј во Струмица, со почеток во 19,30 час. ќе биде одржана вечер во чест на творештвото на браќата Милтон и Јанаки Манаки, пионери на филмската и фотографската уметност во Македонија и на Балканот. Во таа прилика, како своевиден омаж посветен на овие наши фото-кинематографски великани, ќе биде прикажан колаж од кратките филмови на Манаки, ќе биде претставена монографската книга „Манаки“ на Игор Старделов за нивниот живот и дело, а ќе бидат изложени и фотографии направени од оригинални негативи и подготвени од Роберт Јанкулоски. Оваа вечер ја организира Тивериополската филмска алијанса во соработка со струмичкиот Музеј, Кинотеката на Македонија и Македонскиот центар за фотографија, а за визуелното наследство на браќата Манаки ќе зборуваат Илинденка Петрушева и Игор Старделов.