Националната галерија на Македонија Ве информира дека на 29 јануари 2009 год (четврток) во 20:30 ч во Мултимедијалниот центар Мала станица, ќе биде отворена изложбата на фотографии “Кокино - Мистичен шепот низ вечноста” од Љупчо Илиевски. На изложбата ќе говорат министерката за култура на РМ г-ѓа Елизабета Канческа Милевска и директорката на Националната галерија на Македонија, г-ѓа Маја Крстевска.
Љупчо Илиевски, 1955, работи како професионален камерман - снимател а со фотографија се занимава од 1980 година. Член е на фотоклубовите во Македонија. Учествувал на повеќе од 25 групни изложби како и со свои самостојни претставувања. Автор е на поштенски марки со тема - Теракотни икони и марки на тема - Кокино. За својата работа добитник е на награди и признанија.

 Кокино, светилиште и древна опсерваторија.....
 ........ Човекот отсекогаш посакувал да живее во центарот на Космосот. Воден од оваа длабоко всадена потреба, тој во организацијата на своите домови, светилишта, храмови и некрополи ја пресликувал структурата на Космосот. Затоа исправениот човек се идентификува со оската на светот, која ги поврзува земјата, човекот и небото. Од овие причини човекот, во многу подлабока смисла на зборот од денешното значење, бил поврзан со своето парче земја и своето парче небо. Ова длабоко чувство како архетип е присутно во свеста на секој човек до денешни дни. Скриените чувства и архетипски слики особено се појавуваат во темните, тивки ѕвездени ноќи, кога човек ќе се најде на врвот на планината на просторот на древната опсерваторија и светилиште. Изгревањата на полната Месечина или Сонцето внесуваат дополнителна драматика и свесност за епската борба меѓу темнината и светлината, меѓу доброто и злото, хаосот и Космосот. Тоа се моменти кога современиот посетител се идентификува со древните набљудувачи на небото од бронзеното време и барем за миг станува свесен за исконските мотиви на луѓето од тоа време во каменот да изградат толку голем и значаен локалитет. Денес  тие драматични мигови на појавување на небесните тела и борбата на светлината и темнината може да се зачуваат не само во сопствената меморија туку и во трајна форма преку изработка на фотографии од овие настани. Притоа не е доволно само да се располага со добра техничка опрема и желба за документирање на настанот. Потребно е нешто повеќе, нешто што е својствено на уметникот, кој многу посилно и посоодветно се поврзува со Косомосот. На тој начин тој се приближува до светот и свеста  на древните жители на овие простори и се обидува преку доловениот миг да ги пренесе тие археослики до свеста на современиот човек. Затоа фотографиите од настаните на просторот на мегалитската опсерваторија Кокино немаат само документарен карактер. Тие имаат нешто лично, својствено на авторот Љупчо Илиевски, што се обидува да го пренесе на секој набљудувач на неговите дела...


 НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА