СВЕТСКИОТ АНСАМБЛ И СВЕТСКИОТ ПИЈАНИСТ НА СВЕТСКИ НАСТАП

Симон Трпчески со Бољшој театар на концерт во Скопје

Во комплетен состав оркестарот на познатиот руски театар на 18 мај ќе настапи со нашиот пијано-виртуоз во „Метрополис арената“ на Скопското сајмиште

Оркестарот од врвниот руски Бољшој театар од Москва и нашиот виртуоз на пијано Симон Трпчески на 18 мај во „Метрополис арената“ на Скопското сајмиште ќе одржат заеднички концерт. Тоа го соопштија вчера од здружението „Култур Оп“ и од Министерството за култура. Настапот на оркестарот од светски познатиот театар бил договорен неодамна и ќе биде во рамки на европска турнеја на ансамблот на која Трпчески ќе биде солист. Кај нас познатиот ансамбл ќе настапи во комплетен состав, а ќе бидат изведени дела од руски автори. Диригент ќе биде Александар Ведерников, кој е главен уметнички директор на Бољшој театар и познаник на Трпчески.

- Пред два дена бев во Москва и пред Бољшој театар, кој го немав видено можеби 18 години. Ми изгледаше како сон да си помислам дека токму со оркестарот на тој театар ќе настапам и тоа, ни помалку ни повеќе, туку во својот роден град. За мене е огромна чест зашто се знае што значи Русија како држава, култура, како традиција и историја. Одговорноста е уште поголема зашто на концертите свирам руски репертоар со руски оркестар. И самиот на одреден начин сум руска пијанистичка школа и среќен сум поради можноста да настапувам со оркестри од земјата од каде што се моите професори по пијано, Романови - рече Трпчески кој пред нашата публика ќе изведе дела од Сергеј Рахмалинов.Трпчески додаде дека со тој концерт ќе се поткрене нивото на македонската музичка култура.

Со концертот оркестарот од Бољшој театар ќе ја заврши својата европска турнеја, на која се предвидени настапи во повеќе западноевропски и источноевропски земји. Ансамблот го сочинуваат стотина члена, кои се меѓу најдобрите музички изведувачи во Русија и во Европа.Гостувањето кај нас во најголем дел парично ќе го поддржат Министерството за култура и Владата, а дел од парите ќе бидат обезбедени и од спонзори.

- Гостувањето на овој оркестар, кој е еден од најреномираните музички состави на сите времиња и заедничкото музицирање со маестро Трпчески, се уште една потврда дека македонската култура, ги збогатува трезорите на духовната и на светската уметничка ризница. Овој настан, кој прв пат се случува во Македонија, ќе поттикне многу нови кретивни импулси, ќе биде нова боја во македонската музичка палета и вистински подарок за сите музички вљубеници - рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.Организацијата на концертот кај нас ќе ја води здружението КултурОп. Од таму најавија дека ќе се потрудат цената на влезниците да не е превисока и со тоа да им се овозможи на што повеќе вљубеници во музиката да го посетат тој музички настан.

- Пред нас е голема одговорност. Очекуваме дека настанот ќе ја одбележи музичката 2009 година. Идејата на маестро Трпчески во турнејата во која токму тој ќе биде солист да се вклучи и Македонија, само за момент се причини како невозможна мисија, а сега сме среќни што можеме да најавиме таков настап. Ќе се обидеме цената на влезниците да не е превисока, па концертот да можат да го видат што повеќе љубители на музичката уметност - рече Тони Цифровски од „Култур Оп“.Трпчески во првата половина од оваа година ќе биде солист и на Рускиот национален оркестар при што ќе одржи концерти и во Виена, Утрехт, Амстердам и во Брисел. Настапите на Трпчески во Лондон „Дејли телеграф“ неодамна ги вброи во десетте најзначајни настани од областа на класичната музика во 2008 година.

(Т.О.)