По Санкт Петербург по следуваат серија концерти во Австрија, Холандија и Велика Британија

Mакедонскиот виртуоз на пијано, Симон Трпчески, со вечерашниот концерт во Големата филхармониска сала во Санкт Петербург, во Русија, ја започнува серијата концерти планирани во новата година. Трпчески ќе настапи како солист на Симфонискиот оркестар на Санкт Петербург со кој ќе диригира Василиј Петренко, а ќе го изведе Пијано концертот од Равел. По овој концерт, во текот на овој месец Симон Трпчески ќе реализира неколку концерти како солист на Рускиот национален оркестар.

На 16 овој месец, нашиот познат пијанист ќе има деби во Виена, каде под диригентското водство на Владимир Јуровски, ќе го изведе Концертот за пијано број 3 од Прокофјев. Турнејата продолжува во Утрехт, Брисел и Амстердам. До крајот на месецов, како солист на Симфонискиот оркестар на Борнмут, Трпчески ќе одржи уште два концерта во Велика Британија.

Кога станува збор за Велика Британија и за настапите на нашиот пијанист во оваа земја, интересно е да се напомене дека Симон Трпчевски го привлече вниманието на светската јавност токму со својот деби настап на „Промс“ заедно со Шкотскиот камерен оркестар, во Лондон 2004 година. Во тоа време критичарот на „Индепендент“ напиша дека „луѓето наскоро ќе лицитираат за влезници за настапите на Симон Трпчевски“. Оттогаш тој е постојано во очите на светската јавност настапувајќи на турнеи во Европа, Јапонија, Австралија, Америка... Во овој контекст интересно е да се напомене и фактот дека оваа година британскиот дневен весник „Дејли телеграф“ на два наврата ги вброи концертите на Симон Трпчески меѓу најзначајните во 2008 година. Меѓу десетте најинспиративни класични музички настани на минатата година, Трпчески се најде со соло- рециталот и со изведбата на Бетовеновиот „Императорски концерт“, изведби кои критичарот Џефри Норис ги оценува како „исклучително силни и исполнети со интуиција“. Исто така, овој критичар, кога станува збор за компакт-дискот на кој Симон Трпчески изведува дела за пијано од Дебиси, во издание на ЕМИ Класикс, кој пак е сместен меѓу десетте најдобри кои ја одбележаа 2008 година, истакнува дека македонскиот пијанист ги донесува „прелевањата и ведрите карактеристики на ремек-делата на Дебиси“.

Но, покрај светската јавност, Симон Трпчески умее да ја почести и домашната публика со енергични концерти од кои извира уникатен и монументален звук. (Л.М.) Утрински весник