Љупчо Ристовски од фотоклубот „Елема“ ја освои наградата Гран при на единаесеттата меѓународна биенална изложба „Фотомедија 2008“ која вечерва, во 20 часот ќе биде отворена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје.

Ќе бидат претставени 191 фотографија од 112 автори. Тие се селектирани од пристигнатите 1020 дела од 253 автори од 37 држави од светот. Изборот на фотографиите за изложбата го направи жирито составено од Боро Рудиќ од нашата земја, Антоан Божинов од Бугарија и Бранислав Бркиќ од Србија.

Жирито доделува златен, сребрен и бронзен медал, пет дипломи за поединечна фотографија и за колекција фотографии. Освен Ристовски, награди добија и Цветан Гавровски, Емин Кумбараџи и Драгица Николовска. Изложбата ја организираат фотоклубот „Елема“, Фотосојузот на Македонија во соработка со Националната галерија на Македонија.