Со изведба на дела од Стојан Стојков,Чајковски и Моцарт и со солистички настап на виолинистката Ана Кондратенко, Македонската филхармонија под диригентство на Борјан Цанев вечерва во 20 часот ќе ја отвори манифестацијата Есенски музички свечености. До 27-ми овој месец наши уметници ќе одржат девет концерти со камерна и хорска музика, оперски и балетски изведби. Организатор е Дирекцијата за култура и уметност.

Македонската опера и балет в сабота ќе ја изведе операта „Волшебната флејта“ од Моцарт со солистите Ана и Игор Дурловски и Благој Нацоски, а под диригентство на Рикардо Моресо од Шпанија. МОБ на 15 ноември ќе го изведе и балетот „Лебедово езеро“ од Чајковски, со солистите Ивана Коцевска, Александра Мијалкова и Дмитро Чеботар од Украина.

На Свеченостите ќе се одржат и камерни концерти на Божидар Пеиќ - виолончело и Андреј Наунов - пијано, концерт на Надица Ристиќ на обоа и Елена Атанасовска-Ивановска на пијано и концерт на дуото Јета Старова на флејта и Ермал Мехмети на виолина. Концерт ќе одржи и Градскиот мешан хор „Вардар“, а во рамките на манифестацијата од 21 до 23 ноември ќе се одржи и фестивалот „Интер гитар“ во организација на Младинскиот културен центар.