Извонредната концертна серија на нашиот пијанист Симон Трпчески продолжува со деби-настапите како солист на Кралскиот фландриски филхармониски оркестар од Белгија. Првиот концерт е закажан за вечерва, и тоа во престижната сала при Палатата на уметностите во Брисел, а утре и во недела следат настапите во Антверпен. Под диригентската палка на Јан Паскал Тортелие, нашиот пијанист ќе учествува во изведбата на Вториот концерт за пијано и оркестар на Сен Санс. На вториот концерт во Антверпен ќе изведе и соло дела од Рахманинов.
А како што веќе пишувавме, на својата листа престижни светски оркестри, Трпчески го додава и Симфонискиот оркестар на Чикаго, со што ќе се означи стартот на Деновите на македонската култура во САД.

Во рамките на програмата со руски композитори, Трпчески ќе учествува во изведбата на едно од најомилените дела во класичната литература воопшто - Концертот број 1 за пијано и оркестар од П. И. Чајковски. Диригент ќе биде Лудовик Морло од Франција, кој во агендата за оваа сезона ги има и настапите со Њујоршката филхармонија.