ВО ЧИКАГО, ЊУЈОРК И ВАШИНГТОН


Македонска културна бомба во Америка


Концерт на Симон Трпчески со симфонискиот оркестар на Чикаго, концерт на Драган Даутовски, Борис Трајанов, Александар Стефановски (пијано придружба - Дарко Маринковски) во Вашингтон, и Македонски филмски фестивал и изложба на Националната галерија на Македонија во Њујорк, се дел од програмата на Деновите на македонската култура во САД, кои ќе се случат од 13 до 26 ноември


Македонија ќе ја претставува нашата култура во САД со манифестацијата "Денови на македонската култура". Од 13 до 26 ноември, во Чикаго, Њујорк и Вашингтон се закажани концерти, изложба, филмски фестивал...

Нашиот маестро Симон Трпчески ќе свири со симфонискиот оркестар на Чикаго на 12, 13 и 14 ноември. Трпчески ќе учествува во изведбата на едно од најизведуваните дела во класичната литература воопшто, Концертот број 1 за пијано и оркестар од П.И. Чајковски. Со оркестарот ќе диригира маестро Лудовик Морло од Франција.

Министерството за култура на РМ, по повод "Деновите...", на 13 ноември ќе организира коктел во чест на Симон Трпчески, во просториите на домот на симфонискиот оркестар во Чикаго.
Агендата продолжува со концерт на Драган Даутовски, Борис Трајанов, Александар Стефановски (пијано придружба Дарко Маринковски) во Вашингтон на 25 ноември. На репертоарот, покрај ариите и дуетите на Верди и наполитански арии, ќе биде застапена и програма од македонски автори.

Во организација на Националната галерија на Македонија, во Њујорк (17 ноември) ќе се отвори изложбата Современа македонска уметност". Поставката е поместена во Македонскиот центар за култура во Њујорк, а ќе трае десетина дена. Американската публика ќе има можност да ги види сликите, скулптурите и објектите на: Томе Аџиевски, Јован Шумковски, Жанета Вангели, Антони Мазневски, Станко Павлевски, Благоја Маневски и Решат Амети.
Уште една изложба, на Димче Исајловски, ќе се отвори во Амбасадата во Вашингтон.

Македонски филмски фестивал во Њујорк

Македонската кинематографија ќе се промовира преку Македонски филмски фестивал во Њујорк. Отворањето на фестивалот, кој е целосно организиран од Филмскиот фонд на Македонија, е закажано за 20., и ќе трае до 23 ноември. Ќе бидат прикажани: Јас сум од Титов Велес" на Теона Стругар Митевска, Пред дождот" на Милчо Манчевски, Контакт" на Сергеј Станојковски, Големата вода" на Иво Трајков, Бал-кан-кан" на Дарко Митревски, Прашина" на Милчо Манчевски, Среќна Нова 49" на Столе Попов и Црно семе" на Кирил Ценевски.

Во рамките на одбележувањето на "Деновите на македонска култура во САД", ќе влезе и промоцијата на филмот Сенкии на Милчо Манчевски, на 30 јануари 2009 г., на редовниот репертоар на кината.