В петок (31 октомври) со почеток во 19.30 часот во малата сала на НУЦК Антон Панов, Тивериополската филмска алијанса со седиште во Струмица го започнува новиот циклус проекции и настани посветени на значајни вредности од областа на филмот, драмската уметност и културните сфери. На проекцијата на филмовите Искушение во режија на Бранко Костески и Чарли Паркер, љубов моја во режија на Аљоша Симјановски, лично ќе присуствуваат авторите, со цел да ги претстават своите филмски дела, а и заеднички со публиката да проговорат за третманот на современите христијански мотиви на филмот. Чарли Паркер, љубов моја е краток игран филм од 1994 со Кирил Ристоски во главната улога. Филмот го предочува решавањето на моралната човечка дилема на свештеникот низ тоновите на саксофонот. Искушение е краток игран филм од 2008 со Сенко Велинов во главната улога. Филмот прикажува мигови од животот на еден отец меѓу доброто и злото. И двата филма првпат ќе се прикажат пред струмичките љубители на филмот. Инаку, ТФА во соработка со повеќе продуценти и институции, во претстојната сезона, секој последен петок од месецот продолжува со организирање активности, кои меѓу другото, ги промовираат националните вредности од областа на аудиовизуелното наследство. Некои од тие активности ќе бидат: филмскиот портрет на Ацо Алексов, промоцијата на новите дела од Митко Маџунков, вечерта посветена на браќата Манаки, средба со екипата на Денови на Искушение и др.