Скопје, 14 октомври (МИА) - Кинотека на Македонија денеска премиерно ќе го прикаже документарниот филм „Океаника“ на Васко Тодоров снимен оваа година. Дваесет и деветминутниот филм е снимен под вода во околината на островот Кулебра, на 30 километри од Порторико во Карипското Море, на просечна длабочина од пет до 20 метри. Автор на музиката во филмот е Влатко Георгиев, а монтажата е на Владимир Петровски - Картер. Репризна проекција ќе има задутревечер.

Во четврток и во петок Кинотеката ќе го прикаже американскиот филм „Кво вадис“ на режисерот Мервин Лерој од 1951 година. Филмот е снимен според романот на нобеловецот Хенрик Сјенкиевич, во најдобрата холивудска традиција на историскиот спектакл - продукција со гламурозни сцени, сценографија, костими и големи актерски имиња. Сето тоа илустрирано со музиката на Миклош Роза. Филмот ги прикажува почетоците на христијанството во Европа и почетокот на падот на Римското царство. Играат Роберт Тејлор, Дебора Кер, Лео Ген, Питер Устинов.

Уште еден историски спектакл на библиска тема ќе прикаже Кинотеката во сабота и недела - француско-италијанската копродукција „Содома и Гомора“ од 1962 во режија на Роберт Олдрич. Сценаристи се Џорџо Проспери и Хуго Батлер. Настапуваат Стјуарт Гренџер, Ана Марија Пиеранџели, Стенли Бејкер и Росана Подеста. Олдрич, кој имаше силно влијание врз холивудската плејада од шеесетите и седумдесетите, во оваа продукција го става својот силен авторски печат. Поранешниот асистент на Чаплин и Реноар, со „Содома и Гомора“ покажува дека и во услови на студиска продукција, можно е да се направи авторски високобуџетен филм. хс/паг/9:36

###