Градските власти во соработка со невладината организација „Фагриком“ денеска во 12 часот ќе организираат големо дружење на Матка, на платото пред црквата „Свети Андреја“, како промоција на проектот за заштита на растителниот и на животинскиот свет во овој споменик на природата. Манифестацијата ќе се одвива под мотото „Ја сакам Матка“.

Од градот ќе организираат бесплатен автобуски превоз за сите вљубеници во природата што сакаат да присуствуваат на овој настан. Автобусите ќе тргнат во 11.30 часот од паркингот кај „Дрводекор“, а враќањето од Матка е закажано за 14.30 часот.

Планирано е еколошкото друштво „Екоакција“ од Сарај да засади 40 садници на Матка, како своја донација и поддршка на проектот на градот.

Присутните ќе ги забавуваат етно-бендовите „Баклава“ и „Љубојно“. Градот за посетителите ќе обезбеди пити, погачи и јогурт, а за најмладите ќе се одржи претстава со кловнови. Планинарскиот дом ќе ги продава своите пијалаци со попуст од 50 отсто.

Манифестацијата „Ја сакам Матка“ е дел од активностите на проектот за заштита и ревитализација на биолошката разновидност, со промоција на одржливиот туризам по должината на кањонот. Градот и организацијата „Фагриком“ го спроведуваат проектот од почетокот на годинава.

Извор: Нова Македонија