Фестивал на новиот германски филм ќе започне вечерва (20 ч.) во МКЦ со "На работ на рајот" на режисерот Фатих Акин. Делото на германскиот Турчин ја доби Златната палма за сценарио минатата година во Кан.

Четвртото издание на Фестивалот ќе се одржува во Скопје, Тетово, Битола и Штип.
И оваа година на програмата се застапени најновите остварувања од елитата на германските режисери. На репертоарот ќе се најдат филмови како "Цепелин" на познатиот режисер Гордиан Мауг кој ќе присуствува на проекцијата во Скопје, а гостин ќе биде и режисерот Тил Хастрајтер кој ќе го претстави "Статус јо!".

До 17 октомври ќе може да се видат и "Терорист" - Бенјамин Хајсенберг, "Базенот на принцезите" од Бетина Блимнер, "Еден ден во Европа" од Ханес Штер, па добитникот на Германската филмска награда 2007 - "Четири минути" од Крис Краус, "Блузот на Шулце" на Михаел Шор, "На крајот пристигнуваат туристи" од Роберт Талхајм...

Фестивалот ќе го отворат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорката на Германија, Улрике Кнотц.