Скопје, 29 септември (МИА) - Сојузот на литературни преведувачи на Македонија денеска на свечен собир во Друштвото на писатели ќе ги додели традиционалните награди по повод 30 Септември - Светскиот ден на преведувачот.

Повелба „30 Септември“ ќе му биде врачена на македонскиот книжевен преведувач Свето Серафимов за неговите преводи од англиски на македонски јазик на дела од англо-саксонски автори и за неговиот придонес во афирмацијата и унапредувањето на преведувачката дејност во Македонија.

На собирот ќе бидат врачени и традиционалните награди за превод за 2008 година. Илхами Емин е добитник на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за преведувачки опус, Ресул Шабани ја доби наградата „Григор Прличев“ за препев од македонски на албански јазик на книгата „Само ангел“ од Братислав Ташковски, Лилјана Узуновиќ е наградена со признанието „Божидар Настев“ за превод од италијански јазик на делото „City“  од Алесандро Барико.

Лауреати на наградата „Златно перо“ се Бистрица Миркуловска за преводот од словенечки јазик на романот „Капелан Мартин Чедрмац“ од Франце Бевк, Лидија Танушевска за преводот од полски на делото „Правек и другите времиња“ од Олга Токарчук и Марија Костоска за преводот од германски на македонски јазик на делото „Имитатор на гласови“ на Томас Бернхард.

Наградата „Архиепископ Гаврил“ за превод на дело од сферата на духовната литература му е доделена на ѓакон Спасе Таковски за преводот од српски јазик на книгата „Делата на апостолските ученици“.

Специјалното признание за најуспешен издавач во 2008 година му припадна на книгоиздателството „Силсонс“ од Скопје за исклучителни заложби во издавањето преводна литература, а посебно за објавувањето во препев на словенските јазици на „Бели мугри“ од Кочо Рацин, во знак на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на основоположникот на современата македонска поезија. хс/вј/8:19