Првите 45 тома од едицијата „Македонска книжевност“ ќе бидат промовирани вечерва во 20 часот, во Конгресниот центар на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид. Промоцијата ја организираат Друштвото на писатели на Македонија, со Министерството за култура и меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.За делата ќе зборуваат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, претседателот на ДПМ Раде Силјан, ректорот на скопскиот универзитет Ѓорѓи Мартиновски и директорката на Семинарот за македонски јазик Емилија Црвенковска. На средбата ќе настапат поетите: Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Јован Стрезовски, Светлана Христова-Јоциќ, Ристо Лазаров, Славе Ѓорѓо Димовски, Санде Стојчевски, Видое Видичевски и Бранко Цветковски. Министерството за култура на учесниците на Семинарот за македонски јазик, литература и култура ќе им подари комплети од едицијата.Новите книги македонска литература се првите од едицијата „130 тома македонска книжевност“ кои треба да бидат готови до крајот на годината, а се поддржани од Владата. Направен е избор од творештвото на македонските писатели што оставиле белег во националната литература, како и на автори од етничките заедници.