На 8 август во Античкиот театар оперски гала-концерт на Инва Мула, Борис Трајанов и Александар Стеваноски

Лилјана Митевска- Утрински весник

Фестивалите се паметат по ѕвездите, а ’Охридско лето’ и оваа година донесува едно големо соѕвездие од славни уметнички имиња кои ќе блеснат под охридското небо. Така ќе биде и на 8 август кога во прекрасниот амбиент на Античкиот театар ќе настапи Инва Мула, светски познатиот сопран која одамна ги освои најпрестижните сцени во светот, а најшироката популација ја памети и како дивата Плава Лагуна во филмскиот хит ’Петтиот елемент’“. Вака селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, Гордана Јосифова Неделковска, го најави големиот концерт кој на 8 август, со почеток во 22 часот, ќе се одржи во Античкиот театар во Охрид, а на кој покрај Инва Мула настапуваат и нашиот светски познат баритон Борис Трајанов како и младиот бас Александар Стеваноски. Музички уметници ќе бидат придружени од Македонската филхармонија, со која ќе диригира Франческо Роза, постојан соработник на Борис Трајанов, инаку диригент во театарот „Сан Карло“ во Неапол, во Италија.

На идејата за овој заеднички настап на трите уметници маестро Борис Трајанов и дава одреден судбински предзнак. Како што вели, Инва Мула ја запознал 2001 година на продукцијата на „Хофманови приказни“, во времето кога во Македонија имаше воен конфликт. Трајанов раскажува како неговите италијански колеги често го прашувале како ќе се однесува кон Мула која е со албанско потекло, но како што вели, „ние уметниците имаме поинаква перцепција за светот... Кога размислував за овој концерт сакав да ја поканам токму Инва Мула како гостин заради моите драги Албанци. Сакам да покажеме дека албанскиот и македонскиот народ имаат уметници достојни за почит“, вели маестро Трајанов.

И навистина, Инва Мула е сопран со глас дијамант, редок како по својата сила така и по својата раскошна боја и довршеност. Како да поседува некој силен и богат инструмент, со кој управува толку прецизно, а навидум без напор. Инва Мула пее јасно, интонационо чисто, со апсолутно разбирлива дикција. Но сепак нејзиниот главен адут е емоционалниот израз, драмата како одлика на оперскиот жанр, која албанската сопранистка ја обликува гласовно прецизно и совршено.

Сосем пригодно, програмата за овој концерт се состои од бисери на оперската литература: „Травијата“, „Риголето“, Набуко“, Севилскиот берберин“, „Дон Џовани“... Како што објасни Трајанов, секој од трите уметници ќе отпее по три арии, а ќе има и три дуети, две увертири и две интермеца.

Македонската публика имаше можност да ја чуе Инва Мула и пред неколку години, исто така на „Охридско лето“ кога таа беше дочекана со овации. Мула веќе долги години живее во Франција, редовно настапува во Миланската Скала и е чест партнер на познатиот Пласидо Доминго. Борис Трајанов пак досега имал над 700 настапи на најпознатите светски оперски сцени. Младиот Александар Стеваноски често настапува во Италија, Бугарија и Албанија, а неговата соработка со маестро Трајанов датира од пред три години.