„Етиди за оркестар и други обични сеќавања“ е насловот на авторскиот концерт на композиторот Никола Коџобашија, кој вечерва во Домот на АРМ во 20,30 часот ќе се одржи во рамките на манифестацијата „Скопско лето“. Концертот на Коџобашија е последен за оваа сезона од циклусот концерти на Македонската филхармонија под наслов „Џез-симфониски концерти“, или концерти со еден малку поинаков звучен пристап од оние кои се дел од редовната програма на оркестарот, а кои оваа инстиуција почна да ги реализира годинава. Диригент на вечерашниот концерт е Борјан Цанев, а како специјални гости ќе настапат Кирил Џајковски на електроника и перкусионистот Крис Катлер од Велика Британија.

Вечерва ќе бидат изведени пет авторски композиции на пијанистот и композиторот Никола Коџобашија, кој неколку години наназад живее и работи во Велика Британија каде што предава на Колеџот во Плимут, на одсекот за Креативна музичка технологија и Композиција за телевизија и филм. Автор е на музика на повеќе играни и документарни филмови, како и на музика за театар, а неговите дела се изведени со одличен прием на повеќе театарски сцени во Британија и Македонија. Во британскиот печат добива ислкучителни критики за музиката на претставите „Хекуба“ (режија Џонатан Кент), „Птици“ (Аристофан) во продукција на Националниот театар во Лондон, како и претставата „Баханалии“ во режија на Питер Хол. Документарните филмови со музичка подлога на Никола Коџабашија се емитувани на програмите на Би-би-си, како и на повеќе фестивали во САД и Велика Британија. Во 2004 година, е номиниран е за престижната награда на Британската уметничка фондација.