СЕ ПОДГОТВЕНО ЗА СКОПСКОТО КУЛТУРНО ЛЕТО


Градот отворен за културата од светот


И годинава нашата метропола преку кулурата ќе собере уметници од Македонија, но и од сите пет континенти кои 40 дена ќе го одбележат и ова 29. културно лето


Со концертот на Симфонискиот оркестар Fame's на отворено, на плоштадот Македонија, утревечер (22 ч.) започнува Скопското културно лето 2008. Францускиот состав, под диригенство на Иван Илиќ од Србија, ќе свири филмска музика, со што ќе се одбележи еден век откога Камиј Сен Сан ја напишал првата музика за филм. Истата вечер ќе биде отворена изложбата "Современа ликовна колонија" во Чифте Амам (20.30 ч.) на која ќе биде претставен дел од колекцијата на Струмичката ликовна колонија. Вечерта ќе заврши со "Музика без граници", рок концерт во ораганизација на МКЦ. Ова е само увертира на 40-дневниот фестивал кој ќе трае до 31 јули. Во овој период ќе проследиме 59 естрадно-промотивни настани, меѓу кои ќе доминира музичкиот дел. "Се надеваме дека и годинешнава програма ќе ја потврди оправданоста и 29-те лета постоење на нашава културна манифестација", рече на вчерашниот прес во хотелот "Стоунбриџ", директорот на манифестацијата, Никола Глигоров.

Од делот на гостувањата предвидени се 19 програмски активности со гости од Канада, САД, Велика Британија, Германија, Србија, Црна Гора, Турција и Австралија.

Што се однесува до драмскиот дел, ќе има четири премиери, како и веќе одиграни и реализирани проекти од Дирекцијата за култура. Тука е неизбежниот и веќе традиционалниот блуз и соул фестивал (2 и 3 јули) и кафе-киното кое е во склоп на забавниот парк... бројни ликовни изложби, кои ќе се одвиваат на веќе познатата релација Скопско Кале - МСУ - Старата чаршија - Албански и Турски театар - Плоштад Македонија - Музеј на град Скопје - МОБ (каде ќе се одржат повеќе оперски и балетски настапи) - МНТ.

(Б.Г.)