На Чернодрински и натаму се е мирно, театарски


Во Прилеп е толку мирно, што некои на шега велат дека "ако нема скандал треба да се измисли или да се направи"...


Со Бихнеровиот "Војцек" на Албанскиот театар и штипската "Бегалка" ќе биде одбележан петтиот натпреварувачки ден во Прилеп. Театарската ноќ ќе се заокружи со "ЕЕГ", авторски проект на актерот Ѓорѓи Јолевски, кој е дел од оф-програмата. Театарските сладокусци повторно како и во претходните два дена ќе имаат можност на три пати да се насладуваат и да бидат сведоци на она што се случува на прилепските сцени.

Инаку, публиката која мора да се признае ја има во голем број и покрај дождливото време, си има свои адути и фаворити. По она што може да се чуе и види засега во "предност" се проектите на Прилепскиот, Велешкиот, Штипскиот театар, а внимание привлекува и синоќешниот "Дракула" на МНТ. Но, сепак последниот збор е на жирито: Благоја Чоревски, Васе Манчев и Љуран Ахмети. Дотогаш има уште два фестивалски денови, а на натпреварувачкиот репертоар е уште "Супер нова" на Драмски (вечерва, 20 ч. НУЦК "Марко Цепенков"). Овде фестивалската атмосфера е толку мирна, што некои на шега ќе речат дека "ако нема скандал треба да се направи или да се измисли за да биде поинтересно".

(Б.Г.)Вечер