Скопје, 12 мај (МИА) - Пијанистот Симон Трпчески, сопранот Весна Гиновска - Илкова, Васил Атанасов на обоа, дуото Олег и Ана Кондратенко на виолина, Блерим Груби на виола и трио Мацедонико, се уметниците кои ќе настапат на хуманитарниот концерт, што ќе се одржи в среда во Домот на АРМ во Скопје.

Средства од концертот се наменети за Осмата воспитна група од Домот за деца без родители „11 Октомври“, во организација на Волонтерскиот центар од Скопје.

Софија Златанова, член на Центарот, на денешната прес - конференција истакна дека причината поради која се решиле на ваков проект е тоа што, според нив, децата од Домот не растат во нормални секојдневни услови, како што растат децата со родители.

- Родителите би ги поттикнале нивните потиснати желби да излезат на виделина и да продолжат да чекорат по патот на кој не би го изгубиле чувството за иднина и успехот за кој главна алатка е поддршката, рече Златанова, додавајќи дека поради чувство на осаменост тие најчесто се доведуваат и во ситуација да посегнат по пороци.

Координаторот за меѓународна размена во Центарот Алберт Џолевиќ, на прес - конференцијата информираше дека станува збор за дваесетина децата кои се на возраст од две години до прво одделение и во организација на Центарот веќе четири пати посетувале музички работилници каде се запознале со инструментите со кои ќе се свири на концертот. На работилниците, околу музичката едукација им помогнале професори и студенти од Музичката академија од Скопје. 

- Целта беше пред концертот да им покажеме на децата како функционираат инструментите за да не им биде нешто непознато и преку класичната музика да ги насочиме на вистинскиот пат. Исто така, за нив обезбедивме и долгорочно, бесплатно следење на програмата на Македонската опера и балет, додаде Џолевиќ.

Ова е прв концерт на класична музика во Република Македонија. Билетите за него чинат 200 денари и може да се купат на билетарата во Домот на АРМ и во Волонтерскиот центар во Скопје, а на сите уметници кои на концертот ќе настапат хуманитарно им бидат доделени благодарници и статуетки за хумано дело.

Волонтерскиот центар од Скопје е невладина организација формирана во 2006 година и има за цел да го промовира волонтерството на локално и меѓународно ниво. лѓ/дма/13:02