На годинешнава манифестација организаторите најавија настап на пет солисти од странство

Невена Поповска,Утрински весник

Триесет и шестото издание на една од најпрестижните културни манифестации во земјава, Мајски оперски вечери, в петок ќе бидат отворени со операта „Цар Самуил“ од композиторот Кирил Македонски. Станува збор за оперска претстава, која за првпат е изведена на фестивалот во 1972 година. Режисер е Огњан Драганов од Бугарија, диригент Саша Николовски-Ѓумар, а во улогата на Самуил ќе настапи Игор Дурловски.

Операта „Цар Самуил“ е повторно на репертоар по седум години. Во 2001 година, исто така, главната улога ја толкуваше Дурловски, кој на вчерашната средба со новинарите рече дека „сега на 31 година поинаку ја доживува оваа опера, како потресна и длабоко емотивна приказна. Како бас, истакна Дурловски, немам можност да настапувам во насловни улоги, а сега сум посебно задоволен што покрај тоа играм и во национална опера“.

Режисерот Огњан Драганов рече дека „ е мошне задоволен од стореното. Кирил Македонски, подвлече Драганов, напишал опера која во себе ги обединува нововиенскиот класицизам и руската мелодика, што многу ни помогна во настојувањата заедно со сценографот Живоин Трајановиќ да направиме традиционална претстава“.

Сценограф на претставата е Живоин Трајановиќ, костимограф е Елена Дончева, а почетокот на Фестивалот со палење на фестивалскиот оган на 9 мај ќе го означи поранешниот концерт - мајстор Ѓоко Николовски.

На програмата на годинашните МОВ се шест оперски претстави, два балета, еден концерт на Филхармонија и три изложби. Од оперите ќе може да се проследат: „Тоска“, „Боеми“ и „Турандот“ од Пучини, „Лучија од Ламермур“ на Доницети и „Аида“ од Верди, со која традиционално фестивалот се затвора на 31 мај. Покрај оперски претстави, на МОВ ќе бидат изведени и два балета и тоа: „Лебедово езеро“ на Чајковски и „Рајмонда“ на Глазунов, како и концерт на Македонската филхармонија, која по повеќе години отстуство се враќа на МОВ со симфониска програма. Новина е и одржувањето на три изложби кои ќе бидат отворени во фоајето на МОБ.

Уметничкиот директор на Операта Дејан Прошев на прес-конференцијата соопшти, дека на годинешнава манифестација ќе гостуваат солисти од Русија, Украина, Бугарија, САД, Канада и од Италија. Како звучно име на фестивалот беше најавен настапот на светски познатиот тенор Владимир Галузин, солист на познатиот Марински театар од Санкт Петербург и носител на титулата Народен артист на Русија. Тој на 24 мај ќе настапи во улогата на Калаф во „Турандот“. Познати оперски имиња, кои исто така ќе настапат на вечерите се и сопранот Фабијана Браво, која ќе ја игра Тоска и Тамара Хаскин, која е првата црномуреста оперска певица што ќе настапи на Фестивалот и ќе ја игра Аида.