Во Галеријата ЕЛ ГРЕКО, на 12 декември 2014 година (петок) во 20 часот ќе се отвори изложба слики, цртежи и релјефи на Владимир Георгиевски, по повод 400 години од смртта на познатиот ренесансен сликар Ел Греко (1541-1614).



По повод 400. г. од бесмртноста на Д. Т. Ел Гре­ко, нашата исто­имена га­ле­рија се при­­­клучува кон сеоп­штата прослава, со своевидниот омаж на Вла­ди­мир Геор­ги­евски за го­лемиот шпански сликар.

Слични во својата различност, хронотопски оддалечени, но духовно сродни, со за­ед­ничка ви­зан­тиска културна заднина, со пове­ќе­слојна ликовна и религиско-филозоф­ска рефлек­сија, низ распнувањето на платното и сличното мо­литвено бде­ние, двајцата слика­ри ја испишуваат енигмата за човекот и ја опеваат химната за Бога.  Иако коло­рис­тички раз­­лични, густото ткаење на нивното библиско писмо се одвива низ експресијата на сло­же­­ната наративна структура. Поетиката на елегантната, лон­ги­­ту­динална телесна мор­­фоло­ги­ја на Ел Греко, кај нашиот мајстор е модифицирана низ драматичната ро­­бу­сна дефор­ма­ција на линијата која е после­дица на човечкото страдање. Набљудувачите кои се надвор од етичко/ас­ке­тското и естетско искуство, надвор од Словото за славата на Творецот, тре­ба да научат пред нивните дела да тихуваат, за да не го нарушат нивното богоопштење!!!

(Конча Пиркоска)

 

Со почит,
Галерија Ел Греко