Идната недела три дена Ќе се слави прозата

Балкански писатели на фестивал во Скопје

 

 

Владислав Бајац од Србија, Андреј Блатник од Словенија, Алек Попов од Бугарија, Миленко Јерговиќ од Хрватска и Андреј Николаидис од Црна Гора се писателски ѕвезди во своите земји и пошироко. Овие петмина писатели доаѓаат во Скопје на првото издание на меѓународниот фестивал на прозата „Про-за Балкан“, што ќе се одржува од понеделник (4 март) до среда во организација на издавачката куќа „Икона“ од Скопје.

Меѓународна комуникација

Целта на фестивалот е да ја промовира балканската книжевност, вмрежување автори и издавачи од регионот и создавање платформа за подобра идна соработка.

Извршниот директор и менаџер на „Икона“, Никола Мадешовски, вели дека по неколку години интензивна работа на преводната литература, со особен фокус на автори од Балканот, се создала потреба да се интензивираат оние промотивни активности на тие автори кај нас, со тоа што ќе се доближат до читателската публика.

- Фестивалот треба да ја поттикне и да ја продлабочи соработката, таму каде што ја има, меѓу издавачите на тие дела и авторите. Kрајната цел на една ваква манифестација е да ја интензивира онаа меѓународна комуникација во рамките на културата - рече Мадешовски.

Сите гости имаат преведени дела на македонски јазик од различни издавачи и најголем дел од тие дела ќе бидат промовирани на свеченото отворање во Младинскиот културен центар в понеделник.

Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, рече дека при изборот на учесниците на првиот „Про-за Балкан“ се внимавало да бидат автори со различна поетика и со своја особеност.

- Нивните книги се веќе печатени кај нас, читани и вреднувани многу добро од критиката. Она што „Про-за Балкан“ го носи во своето име е дека овој фестивал ќе работи на понатамошно продлабочување на љубовта кон прозата, што е евидентно род кој денес најмногу се чита – рече Прокопиев.

Мобилност на авторите

На фестивалот ќе учествуваат и десетина домашни автори, кои имаат преведени дела во странство. Тие ќе бидат дел од трибината на тема „Мобилноста и балканските писатели“ што ќе се одржи во вторник во Младинскиот културен центар.

- Ќе се стави фокусот на она на што моментално треба многу да се работи, а тоа е мобилноста. Целта на „Про-за Балкан“ е вмрежување и приближување на регионалните писатели. Во иднина акцентот ќе биде како на веќе етаблирани писателски имиња така и на млади писатели од регионот. Но фокусот ќе се прошири и на луѓето од сферата на издаваштвото во европски и во светски рамки – рече директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура со 100.000 денари, Град Скопје, МKЦ, Министерството за култура и информирање на Србија, словенечката и хрватската амбасада во земјава, ресторанот „Ориент експрес“.

Mарина ЛАЗАРЕВСКА- Дневник