Скопје, 4 февруари 2013 (МИА) - Претставата „Изгубени Германци“ по текст на Дејан Дуковски задутре ќе биде премиерно изведена  во Македонскиот народен театар (МНТ).

Режијата е на Слободан Унковски кој по осум години повторно се враќа на сцената на МНТ.

Тони Михајловски, Никола Ристановски, Камка Тоциновска, Ѕвезда Михајловска, Јовица Михајловски, Јордан Симонов, Оливер Митковски, Сања Арсовска и Емил Рубен ја сочинуваат актерската екипа, кореографијата е на Кренаре Невзати - Кери, Виктор Михајлов е потписник на сценографијата, а костимографијата и воопшто целиот дизајн е на Бојана Никитовиќ од Белград.

Човечки маани, фрустрации, алчност, љубов, хомосексуалност, нацизам, левичарство, смисла на живот,..., се само дел од базичните, болни прашања што ги третира претставата чија подготовка, како што рече Унковски, траеше речиси пет месеци. Текстот е крајно специфичен, необичен, инспиративен, допира до хаосот и вознемиреноста на нашето општество. Нема да ги задоволи апетитите за евтини дневно-политички определби и насочувања зашто во суштина се однесува на судбината на обичниот човек.

- Претставата зборува за генералните состојби во македонското општество, не толку политички, колку етички. Цврсто е закопана во 1944 година, но идеите кои се обидува да ги артикулира се многу современи, актуелни, истакна Унковски.

Оценувајќи дека ова е прва права, целовечерна драма на Дуковски без фрагментарна драматургија, со ликови кои одат од почеток до крај на начин специфичен за авторот, професорот го нарече Дејан „македонскиот современ Чехов“.

Во овој контекст, напомена, многу е битно македонската драма да се поддржува, да се игра колку што може повеќе и максимално квалитетно. 

Дуковски идејата за текстот ја имал подолго време, најпрво ја гледал како сценарио за филм, а базира, рече, на вистинска приказна. - Овој текст е многу поразличен од моите досегашни. Има поспецифична, отворена структура. Исклучително сум задоволен од реализацијата, сепак, ми е многу важно како ќе помине и искрено, имам трема. Мислам дека успеавме да допреме многу театарски возбудливи моментни, рече Дуковски.

„Изгубени Германци“ е црна комедија во која главните ликови се комунист, нацист, хомосексуалец, уметник и стриптизерка, заглавени во рудник во Македонија во 1944 година. Истражуваат некоја тајна руда, а практично се сокриени од војната. Тука дискутираат за разни прашања. Текстот лани ја доби и наградата „Коле Чашуле“ на МНТ.

Според Јордан Симонов, сериозната материја што ја понуди Дуковски ќе им овозможи на македонските актери да покажат што навистина знаат и умеат.

Особено задоволство од сработеното со Дуковски, Унковски и останатата актерска екипа изрази и Никола Ристановски. - Алчноста ги отру нашите души, знаењето не направи цинични, умот тешки и немилосрдни. Потребна ни е хуманост, без тоа светот ќе остане насилен и празен, рече Ристановски.

„Изгубени Германци“ е трета соработка на Слободан Унковски со Дејан Дуковски по „Буре Барут“ и „Другата страна“. мч/паг/13:09