Скопје, 20 јануари 2013 (МИА) - Во Музејот на Стара скопска чаршија, депанданс на Музеј на град Скопје и сместен во Сули-ан, задутре ќе биде отворена постојана поставка на која ќе биде претставена историјата на Старата скопска чаршија и вредностите кои произлегле од неа, од 11-12 век до денес.

Поставката опфаќа археолошкиот дел - во кој ќе бидат презентирани предмети откриени со археолошките истражувања во чаршијата и во Скопското кале во континуитет од средниот век до османлискиот период, историски дел -  каде што ќе бидат изложени фотографии, карти и планови кои го прикажуваат основањето, развојот и животот на Старата скопска чаршија, како и историјатот на позначајните културно-историски споменици во чаршијата, етнолошки дел - со презентација на животот во чаршијата и најдоминантните професии: занаетчиството, трговијата и угостителството.

Поставката е придружена со уметнички дела со мотивите од чаршијата. Застапена е првата генерација на македонски современи ликовни уметници (Мартиновски, Пандилов, Владимирски, Коџоман...), како и дел од современите ликовни уметници на Македонија (Анастасов, Мазев, Перчинков...).

- Современиот пристап во музејската поставка ќе придонесе во подобрата едукација на младите во нивното запознавање со културното богатство на Градот Скопје, но и во зајакнувањето на туристичката понуда на градот, затоа што овој музеј е центар преку кој туристите и граѓаните ја осознаат богатата историја на чаршијата и нејзиното функционирање низ вековите, информира Музеј на Град Скопје. хс/ 10:22