Tarkovski.promocija.jpg

 ПРОМОЦИЈА НА КНИГА ЗА АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ ВО КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА
Н: „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ на Атанас Чупоски

На 6. декември (четврток), во 19,00 ч. во просториите на Кинотека на Македонија ќе се одржи промоција на книгата на м-р Атанас Чупоски: „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“, во издание на Кинотеката на Македонија. Промотори на оваа филмолошка студија во која се обработува творештвото на култниот руски режисер Андреј Тарковски ќе бидат проф. д-р Маја Бојаџиевска и проф. д-р Славица Србиновска од Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. По промоцијата ќе биде прикажано ремек-делото на Тарковски, играниот филм „Сталкер“ од 1979 г.
Основен предмет на оваа научна студија, преку компаративно, интердисциплинарно вкрстување на методите на митокритиката, наратологијата, филмската теорија и православната христијанска аскетика, се христијанските слики и симболи актуализирани во филмовите на Андреј Тарковски, и спецификите на неговото филмско раскажување. Во воведниот дел се објаснети методолошките одредници со чија помош е извршенa анализа, дескрипција и интерпретација на филмските текстови: методите на митокритика и митоанализа, концептот на симболичка имагинација, термините симбол и слика, основите на теоријата на раскажувањето и спецификите на филмската нарација; елементите на режисерската поетика на Тарковски: времето, ритамот, монтажата, мизансценот, композицијата на кадрите, постојаните симболи, иницијациските сценарија; неговиот однос кон уметноста и духовноста. Во аналитичкиот дел се анализирани филмовите: „Андреј Рубљов“, „Сталкер“ и „Жертвопринесување“. Поентата на овој текст е да допре до сржта на создателниот чин во филмската уметност на Тарковски.
Атанас Чупоски (1969) е филолог, компаратист, синеаст. „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ е негов магистерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во 2010 г. Објавил повеќе од стотина единици книжевни и филмолошки научни студии, есеи, песни, раскази и публицистички текстови во петнаесетина македонски списанија и весници. Објавил една поетска книга: „Концерт на труба во дур“ (2007). Десет години (2001-2011) на Радио Равел ја уредуваше и водеше музичко-патеписната емисија „Без возен ред“. Автор е на повеќе телевизиски емисии и на шест документарни филмови. Работи како виш филмолог во Кинотека на Македонија.