Промоција на магазинот „Лице в лице“
Сабота, 15 Септември 2012 10:17
Центарот за медиумски активности (ЦМА) во соработка со „Јустат центар“ од Белград и уште пет организации од регионот ќе го промовираат првиот број на уличниот магазин „Лице в лице“ на македонски јазик.

lice.jpg500

Магазинот ќе го продаваат млади од улица кои беа дел од Едукативно-забавниот дневен центар во Шуто Оризари, а половина од продажната цена ќе оди директно на нивна сметка.

На промоцијата посетителите ќе можат да ја видат и изложбата на рачни изработки, оригами, накит од рециклиран материјал, и други предмети кои ги направија децата од Центарот. Изложбата ќе биде продажна, а собраните пари ќе бидат наменети за децата и за подобрување на условите на Центарот.

Гости на промоцијата ќе бидат фудбалерот Дарко Панчев, ликовниот уметник Сергеј Андреевски, женското диџејско реге дуо Ели Раста Грл и Иренска, познати и како „Џам систаз“, кои беа меѓу првите јавни личности, покрај актерката Лабина Митевски и режисерот Дарко Митревски, кои дадоа силна поддршка за платформата „Лице в лице“.

На промоцијата, Здружението за управување со пакување и со отпад од пакување „Пакомак“, ќе испрати еко пораки, а ќе има и свој инфо-штанд.
Магазинот „Лице в лице“ промовира активизам и се фокусира на општествено одговорни теми како заштита на животната средина, демаргинализација на групи и поединци, унапредување на животот во градовите како и прашања поврзани со културниот развој.