Во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам на 9 ноември 2012 година (петок) во 20 часот, ќе биде отворена ретроспективна изложба на реномираниот македонски скулптор Васил Василев. Како што кажува самиот наслов „Васил Василев – Скулптури и цртежи (1967-2012)“, изложбата презентира 150 скулптури и над 70 цртежи и цртежи-објекти од сите фази на речиси педесетгодишното творештво на авторот.
 Специфични елементи по кои го препознаваме творештвото на Василев е афинитетот за спојување на чистиот израз на примарното во архајската пластика и современите тенденции, со одредени евокации на поднебјето; и фокусот кој е ставен врз еротскиот набој, што е всушност одраз на едно интимно творештво преку силно емотивно, драматично во еден единствен материјал – дрвото, кој од своја страна има специфични изразни својства.
Преку инсистирањето на континуитетот во создавањето и мноштвото изработени дела Василев се вбројува помеѓу најплодните творци во македонската современа скулптура. Делата претставени на изложбата и во монографијата се само мал издвоен сегмент од неговото творештво кој се однесува на скулптурите и цртежите, односно цртежите-објекти, што провоцира кон понатамошни издвоени студии.
Влијанието на Василев за македонската скулптура го согледуваме и валоризираме токму преку овие настојувања за ослободување, експериментирање, барање различни ликовни и пластични решенија со единствена намера за надминување на границите на ликовните дисциплини и осовременување на скулптурата. Тој е особено препознатлив по карактеристичната пластична обработка на формата на скулптурата и третманот на нејзината површина, интегрирани од страна на овој рафиниран уметник во студиозни и прецизно анализирани креации.

ВАСИЛ ВАСИЛЕВ е роден е во 1938 година во Скопје. Академија за ликовни уметности запишал во Љубљана (Словенија) во класата на проф. Борис Калин и проф. Драго Тршар. Студиите ги продолжил во Белград (Србија) каде и дипломирал во 1965 година на Академијата за ликовни уметности, во класата на проф. Јован Кратохвил. Член е на ДЛУМ од 1966 година. Остварил студиски патувања во: Италија, Франција, Германија, Грција, Бразил, Египет, Кина, САД итн.
Добитник е на голем број значајни награди во Република Македонија пред и по осамостојувањето, но и во поранешна Југославија и во странство. Освен по својата континуирана креативна уметничка дејност, тој е значаен и како педагог кој четириесет години неуморно се посветил на едукацијата на млади кадри, прво во гимназијата “Раде Јовчевски Корчагин“ а потоа и како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Имал многубројни јавни претставувања, самостојни и мноштво групни. Повеќепати бил наградуван како за остварувања во ликовната дејност така и за педагошката, а остварил студиски престојувања во над дваесетина земји од сите континенти (освен Австралија).

Изложбата ќе ја отвори г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска, министер за култура во Владата на РМ и г-а Халиде Палоши, директор на Национална галерија на Македонија..
Изложбата ќе биде проследена со монографско издание, а кустос на изложбата и автор на текстот е Маја Чанкуловска-Михајловска.

Со почит,
Национална галерија на Македонија