ПРЕКУ ИЗЛОЖБИ, ЕТНОЛОШКИ ФИЛМОВИ И ПОСЕТИ НА ЛОКАЛИТЕТИ


Македонското културно наследство на увид на јавноста


Манифестацијата "Европски денови на културното наследство", ќе започне в понеделник (12 часот) со изложбата "Антички теракотни фигурини од Македонија". До 1 октомври ќе бидат реализирани голем број активности кои ќе се одвиваат во повеќе музејски институции и локалитети во државата


Европските денови на културното наследство и годинава во Македонија ќе бидат одбележани со богата музејска програма, која ќе се реализира од 24 септември до 1 октомври. Оваа манифестација, која се одржува веќе дваесет години, ќе биде отворена со изложбата "Антички теракотни фигурини од Македонија", а отворањето е предвидено за 24 септември (12 часот), во Музејот на Македонија.

Во мај годинава изложбата премиерно беше поставена во Рим во рамките на манифестацијата "Македонија во чест на светите браќа Кирил и Методиј", а сега за прв пат ќе биде презентирана пред македонската јавност. Во изложбата се вклучени повеќе од 220 теракотни фигурини од античкиот период. Повеќето од експонатите потекнуваат од локалитетот Исар, Марвинци, а презентирани се и предмети од збирките на Стоби, Завод и музеј Охрид и Народен музеј Гевгелија. Автори на концепцијата за изложбата се Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, и Златко Видески, виш кустос во Археолошкиот оддел при Музејот на Македонија.

Во деновите што следат ќе бидат реализирани предавања, едукативни активности, посета на локалитети, презентација на етнолошки филмови и други настани кои ќе се одвиваат во повеќе музејски институции и локалитети од десетина градови во Македонија
На 25 септември во Музејот Теракота во Виница ќе биде одржана презентација на тема "Процесот на конзервација на движниот археолошки материјал од локалитетот Коколов Рид - Виничка Кршла", како и посета на Лешочкиот манастир и предавање за манастирот во организација на Музејот на тетовскиот крај.

На 25 и 26 септември Музејот во Кочани ќе организира предавање и презентација на тема "Културното наследство на Кочанско", Домот на културата во Ростуше ќе го презентира "Културното наследство во Реканскиот крај", а ќе бидат посетени и археолошкиот локалитет Стенче, Шарената Џамија, Кокино, Стоби, Вардарски Рид и Градиште. Етнолошката изложба "Сјајот на накитот" и презентацијата од страна на Нумизматичкиот музеј на Народната банка на Република Македонија се, исто така, дел од бројните предвидени активности.

(Д.Т.) - Вечер