05.09.2012, 16:11
Атанасов и Куфојанакис на концерт со „Скопски солисти“

Вечерва во фоајето на Македонската опера и балет, во 20 часот, концерт ќе одржи камерниот оркестар „Скопски солисти“, како дел од циклусот „Подиум на млади“. Како солисти ќе се претстават Томе Атанасов на обоа и Момчило Куфојанакис на виолина. Диригент е Саша Николовски-Ѓумар. На програмата ќе бидат изведени дела од Хендл, Албинони, Виењавски и Григ.

Камерниот оркестар „Скопски солисти“ се појави на македонската музичка сцена во 2000 година. Оваа благородна и убава идеја, по примерот на загрепските, софиските и други слични оркестри на Балканот, ја реализираше обоистот Васил Атанасов, кој воедно е и уметнички раководител на ансамблот. Оркестарот е формиран од група афирмирани и признати македонски уметници, на кои им се придружија група млади, но мошне талентирани музичари. Интенцијата на овој ансамбл е да презентира камерна музика, од барок, па се' до современа музичка литература, со истакнато чувство и респект кон македонското музичко творештво.