07.08.2012, 18:03
Галичка книжевна колонија по 18. пат

 

Колонијата почнува в петок со одбележување на јубилеите на браќата Миладиновци, на Коле Неделковски и на Јован Котевски

Киро Кипроски

Галичникќ- Во знаменитиот Галичник, родното место на истакнатите македонски преродбеници од 19 век: Ѓорѓија Пулевски најизразитиот, најголемиот македонист во тој период, Партеније Зографски, првиот македонски учебникар, Панајот Ѓиноски, познатиот македонски зограф, лексикограф, етнограф и фолклорист и многу други духовници кои со своите дела дале печат на овој регион, викендов, Галичката ликовна колонија ќе го има 18. издание.

Во рамките на оваа престижна манифестација, која има и меѓународен карактер, ќе бидат одбележани јубилеи на неколку истакнати македонски творци од неколку генерации. Според програмата, в петок навечер, на платото на хотелот „Неда“, пригодно ќе биде одбележана 150- годишнината од смртта на знаменитите македонски преродбеници - струшките браќа Димитрија и Константин Миладиновци. За нивното дело ќе говори Димитар Пандев. По повод 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Коле Неделковски, ќе се одржи чествување на кое ќе говори Весна Мојсова-Чепишевска. Потсет на ликот и делото на истакнатиот македонски поет и учесник на „Галичката книжевна колонија“, Јован Котевски, по повод 80-годишнината од неговото раѓање, ќе направи Науме Радически.

Вториот ден на колонија, в сабота, претпладне и попладне, во две сесии, ќе се одржи симпозиумот на тема „Поезијата и судбината“, а ќе биде претставен и зборникот „Митот и песната“ од минатогодишниот симпозиум. Во попладневните часови ќе се одржи промоција на книгите: „Наратолошки-читања“ од Луси Караниколова, „Адем гајтани - Поезија“ (анталогиски избор со предговор на Агим Полоска) и поетската збирка „Долгото погребување на еден кловн“ од Винета Огненоска, во издание на „Галикул“ од Скопје.

Во монументалната црква „Св. Петар и Павле“ во Галичник, во саботата навечер ќе се одржи литературна вечер насловена „Од вознес до тихование“ на која свои стихови и текстови ќе говорат: Илхами Емин, Вера Стојчевска -Антиќ, Тодор Чаловски, Агим Пољоска, Науме Радически, Димитар Пандев, Златко Крампариќ (Хрватска), Славе Ѓорго-Димоски, Кире Неделковски, Венко Андоновски, Бојан Ангелов (Бугарија), Весна Мојсова-Чепишевска, Зоран Пешиќ-Сигма (Србија), Соња Стојменовска-Елзесер, Луси Караниколова, Игор Крајчев, Винеата Огненоска и Иван Антоновски.

Учесниците на годинешната колонија ќе го посетат македонското древно светилиште Бигорскиот манастир и ќе одржат литературна средба, со што и ќе заврши тридневното книжевно другарување и остварување на повеќето програмски содржини.

„Се' е подготвено за успешно одржување и на годинешното издание на книжевната колонија. Со содржините кои ќе ги реализираме ќе дадеме голем придонес во афирмацијата на македонската литература и култура, на книжевното творештво во нашава земја и во пошироки рамки“, ни изјави, поетот, есеистот, преведувач и литературен критичар, Тодор Чаловски, претседател на Управниот одбор на Галичката книжевна колонија.