Почнува 49. Меѓународна струмичка ликовна колонија

Струмица, 5 август 2012 (МИА) - Со магистерската изложба „Преобликувана реалност” на Ана Лаковиќ од Црна Гора, вечер во Центарот за култура “Антон Панов” во Струмица ќе започне 49-та Меѓународна струмичка ликовна колонија.

Како што изјави директорот на Центарот за култура, Иван Јовев, во Струмица веќе пристигнаа првите гости од годинашниве дваесетина учесници.

- И годинава на Меѓународната струмичка ликовна колонија, која ќе работи до 20-ти август ќе творат сликари од Русија, Полска, Турција, Албанија и од земјите од поранешна Југославија, вели Јовев.

Според Бранко Пепиќ, раководител на Уметничката галерија и годинава по 20-ти пат шест млади мозаичари под менторство на Александар Филеф ќе работат во Мозаичкото студио, кое е единствено на Балканот.

Домаќините очекуваат годинава фондот на Меѓународната струмичка ликовна колонија да се збогати со нови 60 дела, со што оваа ризница од слики во различни техники, мозаици и скулптури би достигнала бројка од две илјади дела. Оваа ликовна манифестација и годинава се одржува под покровителство на Министерството за култура и Советот на општина Струмица. сб/ва/13:26