Почитувани,

 Ве информираме дека на покана на Народни музеј Црне Горе од Цетиње, во Галеријата Ателје Дадо којa е во состав на истиот музеј, на 29 јули 2012 година (понеделник) ќе се отвори самостојна изложба на македонската уметница Вана Урошевиќ.
 Делата на Вана Урошевиќ согласно со нејзината досегашна творечка преокупација, се во константна релација на истражување на манифестациите што се движат на границата меѓу личната и колективна свест и потсвест. Во конкретниот циклус од дела се соочуваме со експликација на поимот страв, како и на универзалните човечки гревови и страдања поради нив, при што стравичните (и комични) глетки од (не)реалниот свет се цинични во својата примарна основа и намена. Наведените гротескни глетки, со различни акцентирани моменти извезени на свила (материјал особен по својата тактилност), поттикнуваат на себеанализа и го трансформираат универзалното безвременско доживување на моралните општествени димензии на гревот и стравот во нивниот визуелен, естетички и сетилен контрапункт.
 


 
Вана Урошевиќ
Родена е во 1961 година во Скопје. Дипломирала во 1984 година и завршила пост-дипломски студии во 1987 година на Факултетот за ликовни уметности во Белград. Студиски престој во Париз во 1987 година, и специјализација на Академијата за убави уметности во Венеција 1988 година. Во 2003 година ја претставува Македонија на ликовното Биенале во Венеција. Се занимава со сликарство, видео и инсталации. Во 1997 година ја добива наградата Димитар Кондовски на Зимскиот салон на ДЛУМ во Скопје. Во 2008 година ја добива првата награда за интермедијално дело на 9тото Меѓународно биенале на минијатура во Горњи Милановац.
Самостојни изложби: Скопје 1989, 1998, 2001, 2003, 2007; Белград 1987, 1992, 2002, 2009, 2011; Струга 1996; Битола 2003; Венеција 2003; Љубљана 2009; Њујорк 2010.
Селектирани групни изложби: Оснабрик, Сараево, Нови Сад, Женева, Белград, Софиjа, Скопје, Горњи Милановац, Париз, Њујорк, Берлин, Љубљана, Мурска Собота, Хамбург, Рим, Виена, Чачак, Талин, Трст.
e-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.