ОД ЗБИРКАТА НА БРИТАНСКИОТ СОВЕТ


Оригинали на големите британски уметници во Скопје


Македонската јавност за прв пат ќе има можност да ја види патувачката изложба на Британскиот совет "Прагови", која содржи збирка од 57 уметнички дела од 39 современи британски уметници. Од 22 јуни до 22 август во Музејот на современа уметност во Скопје ќе бидат претставени оригинални дела на етаблирани современи британски уметници. За прв пат ќе можат да се видат голи актови од Гвен Џон и Виндам Луис, акварели на Едвард Бара, ретко видени рани фотографии на Сесил Битон и Мадам Јевонди, дела од Волтер Ричард Сикерт и Дејвид Хокни, кој има голема изложба во Кралската академија. Во збирката се делата на радикалните уметници браќата Чепман, како и на Лусијан Фројд, кој се смета за еден од најголемите сликари на 20-от век, а неговата поставка во моментот е отворена во Националната галерија на портрети во Лондон.

Изложбата доаѓа од Центарот за креативност Св. Џејмс Калавиер во Валета, Малта, а претходно била изложена во уметничката галерија Вајтчапел во Лондон, Велика Британија, каде повторно ќе биде поставена по гостувањето во нашата држава. Куратор на изложбата којашто ќе биде отворена на 22 јуни во 18 часот е Пола Рего, а настанот е ретка можност да се ужива во уметност од светска класа.

 Извор: Вечер